Се приближуваме кон решавање на македонско-бугарската сложувалка. Најважниот инструмент против војната на европско тло е перспективата на ЕУ и проширувањето. Затоа сметам дека што побрзо треба да се отворат преговорите со Македонија и Албанија, порача денеска од Скопје шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг, на средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во однос на проблемот со Бугарија, Шаленберг е оптимист дека решението е близу.

„Навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Сите делчиња од сложувалката се на масата и сега треба само уште да ги сложиме. И се надеваме дека уште пред почетокот на летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде свој придонес и ќе биде солидарна со Северна Македонија во тие чекори пред преговорите, бидејќи тоа е геостратешка неопходност. Вие сте непосредни соседи на ЕУ, опкружени сте со земји членки на ЕУ. Сите земји кои досега не пристапиле, редно е да пристапат кон Унијата“, нагласи Шаленберг.

Шефот на македонската дипломатија Османи истакна дека на сложувалката, која полека се составува во насока на решавање на спорот со Бугарија, ѝ фали лепилото, а тоа, според него, е политичка волја во моментов за ги стави елементите во еден сеопфатен процес, кој ќе значи ново поглавје за нашата држава и за односите на Западен Балкан со ЕУ. Тој појасни дека колку повеќе се одолговлекува процесот на преговори со Софија, толку тој станува поразводнет.

„Овој процес е доста созреан изминатите месеци и години и за секој елемент во процесот има решение, проблемот е како сето тоа да се опфати во еден сеопфатен договор за да нема утре нови прашања, нови елементи и создавање непредвидливост“, рече Османи.

И неговиот австриски колега се согласи дека преговорите траат подолго време, но оти не може само едната страна да попушти, а другата да добие.

„Тоа се некои мали нешта што треба уште да се решат меѓу Софија и Скопје. Но, сметаме дека не може едната страна да попушти, а другата да добие. Ние сметаме дека тука треба да има заеднички јазик. Да, ова се навистина чувствителни прашања. Јас доаѓам од Централна Европа каде што исто така се соочуваме со вакви проблеми, особено во почетокот на 2000 година. Меѓутоа, ЕУ е таа којашто е рамката каде што треба да се дискутираат овие прашања и каде што треба да се рационализираат овие прашања. Тоа е всушност пристапот што ние го поддржуваме“, порача тој.

Шаленберг, кој завчера беше во посета на Софија, изјави дека е охрабрен по средбите со бугарските претставници.

„Можам да кажам дека сум охрабрен затоа што ситуацијата веќе изгледа поинаку и мислам дека веќе е напредната во споредба со минатото. Од моја страна знам дека говориме за фрустрации, за рокови, знам дека говориме за разочарувања, меѓутоа за Австрија тоа е геостратешка фиксна задача овој регион мора да биде дел од ЕУ“, рече Шаленберг.

Шефот на австриската дипломатија потсети дека на овие држави им е ветена европска перспектива и оти зборот ќе се одржи.

„Знаеме дека поради војната во Украина е уште поважно сега да покаже ЕУ кредибилност и тоа за мене е многу битен аспект и јас навистина се надевам дека да има некои закани дека ќе се прекинат преговорите. Меѓутоа, сепак станува збор за заемен интерес и дека треба да се стабилизира целиот регион и сето тоа ќе придонес кон тоа. Да, имаме две земји што веќе ги почнаа преговорите и две држави што треба да ги почнат, и тие две држави навистина треба веќе да создадат факти – Албанија и Северна Македонија треба да направат чекор напред и да почнат конечно со преговорите“, подвлече тој.

И македонскиот претседател Стево Пендаровски на средбата со Шаленберг, укажа дека е потребно ЕУ да овозможи неодложно почнување на пристапните преговори за Македонија, во контекст на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.

„Неопходно институциите на ЕУ да дејствуваат брзо во однос на политиката на проширување и да овозможат неодложно започнување на пристапните преговори за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција“, посочил македонскиот претседател Пендаровски.

Шаленберг истакна дека ниту една држава досега не придонела толку за стабилноста во регионот како што е Македонија.

„Северна Македонија е пример за тоа како земја што треба да и пристапи на Европската Унија. Го сменивте името, дадовте голем придонес за стабилноста. Ова треба да биде тест и за ЕУ. Унијата треба да покаже дека постои геополитичка сила да направи соодветен чекор и дека треба да направи чекор кон нов процес. Не постои всушност политички вакуум, ние треба да придонесеме кон нов стабилен модел, или ние ќе испорачаме тука или ќе се соочиме со некои други држави коишто може ќе нанесат и нестабилност“, заклучи Шаленберг.

(И.С.)