Се собираат средства за преадаптирање на лимената барака во културен центар на Ромите

118

За таа цел, в среда, во 20:30 часот, пред кафетеријата на Македонската филхармонија, Здружението на љубители на ромската фолклорна уметност „Романо Ило“ од Скопје ќе организира донаторска културно-музичка манифестација под мотото „Ајде на ромска музика“, во рамките на која ќе настапат повеќемина ромски музички уметници 

За да го реализира проектот „Фабрика за производство на ромска култура“, во рамките на кој се предвидува реконструкција на старата лимена, напуштена барака во населбата Шуто Оризари, на улицата „Димче Мечето“, број 12, во културен центар каде што би се промовирала и афирмирала ромската култура, Здружението на љубители на ромската фолклорна уметност „Романо Ило“ од Скопје, в среда, во 20:30 часот, пред кафетеријата на Македонската филхармонија ќе организира донаторска културно-музичка манифестација под мотото „Ајде на ромска музика“.

– Започнуваме со кампањата за собирање средства за изградба на ромски културен и едукативен центар во Општина Шуто Оризари, кој ќе има цел да ги развие и да ги промовира културата, традицијата, историјата и јазикот на Ромите – вели Бранислав Петровски, претседател на Здружението „Романо Ило“.

Оваа кампања содржи повеќе активности насочени кон акумулација на финансиски средства, материјали и услуги преку донирање од државните институции, приватните компании, невладиниот сектор и поединци.

– Настанот „Ајде на ромска музика“ е само една од повеќето такви акции кои ќе се реализираат во периодот кој следува – истакна Петровски.

Во рамките на настанот ќе настапат ромските музички уметници: Черкези банда и солистот Али Пејда (Ali Pejda), Чалгии бенд – Езгија трио, Романо Ило group со солистот Ернес Ибраимоски.

Лимената барака на Здружението „Романо Ило“ е дадена на месечен закуп од 90 евра, од страна на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, но нема основни услови за нормално функционирање, а најмалку за центар за едукација и култура.

– Немањето културен дом во Шуто Оризари и ниското ниво на почитување и негување на идентитетот се мотивацијата за реализација на овој проект, кој има цел да ја инкорпорира културата на локално ниво, според потребите и можностите на ромската заедница – објасни Петровски.

Проектот има цел да креира и да едуцира ромски млади кадри од областа на театарот, фолклорот, поезијата, музиката, визуелната уметност и истражувачката дејност и преку нивните дела, да го промовира нивниот идентитет.

– Преку различни сектори и програми ќе се реализираат секојдневни активности со млади уметници од Општината Шуто Оризари. За секоја од областите ќе се креира посебна програма, која ќе има цел и задача да детектира, едуцира и произведува ромски дела – вели Петровски.

Инаку, проектот „Фабрика за производство на ромска култура“ има стратегија како да ѝ ја пренесе локалната култура на пошироката јавност.

Предвидено е лимената барака на површина од 150 квадратни метри да се адаптира, да се реконструира и да биде носител на културните промени во населбата. „Романо Ило“ и Општината Шуто Оризари имаат потпишано меморандум за соработка, со цел олеснување на процесот и на документацијата за издавање дозвола за градење.

Предвидено е во внатрешниот простор да има голема сала, која ќе има повеќенаменска функција: за одржување проби, гледање филмови, одржување премиери со простор за публика, а ѕидовите ќе се користат како изложбен салон. Поголемиот простор ќе се опреми со видеопроектор, осветлување, мала сцена од 20 квадратни метри, простор за публика со 50 седишта, кои ќе се монтираат и ќе се демонтираат во согласност со видот на манифестацијата. Дополнително, ќе се изгради уште една просторија со повеќенаменска функција: за библиотека, едукација, предавања, научни истражувања, како и оддел за поезија. Ќе се изгради и простор за водење  административно и финансиско работење, како и помошна просторија во која ќе се чуваат реквизити и соблекувални.

Се проценува реализацијата на адаптацијата и реконструкцијата на културниот центар да чини од 50 до 70 илјади евра. Финансирањето на овој проект е тековно низ целиот период, преку различни фондации и програми.

(А.П.)