Се расчистува паднатиот рид на патот кај Истибања

24

Компанијата „Гранит” која го доби тендерот за расчистување на паднатиот рид на патниот правец Кочани-Делчево во близина на село Истибања ги привршува работите за целосно оспособување на сообраќајот на овој патен правец каде моментно сообраќајот се одвива со регулација на вработени во „Гранит“.

Како што информираат од градежното претпријатие, се поставува заштитната мрежа на претходно минираниот дел.

-По машинското работење на ридот, во акцијата за поставување на заштитната ограда се вклучија и алпинисти. Во изминатите две недели на ова подрачје се минираше во повеќе наврати при што огромните камења што излегоа од минирањето, дел се наоѓаат на речниот брег, а дел завршија во подножјето на ридот, информираат од „Гранит”.

Според градежниците, најголемата карпа која надвиснува на патот е фиксирана, со што не постои опасност од нејзино паѓање.

– До целосно оспособување на теренот за непречено одвивање на сообраќајот, претстои уште работа, но најважно е што најголем дел од работата е завршена, додадоа од „Гранит”.

Патот кој води кон соседна Бугарија, поради огромните карпи подолг период го блокираше сообраќајот, а возилата се пренасочуваа по алтернативни сообраќајници.