Се преврте комбе кое превезувало мигранти, 14 лица повредени

31

Нова сообраќајна несреќа со возило кое превезувало мигранти, втора за два дена. 14 лица се повредени од кои четворица со тешки, а 10 со лесни телесни повреди. Несреќата се случи доцна синоќа на магистралниот пат Струмица – Валандово кај Раборска раскрсница. До истата дошло откако комби возило со битолски регистарски таблички од засега непознати причини се превртело. Во возилото се превезувале 50 мигранти.Веднаш по несреќата 24 лица се пренесени во струмичката болница каде им била укажана потребната медицинска помош.

Во извлекувањето на повредените учествувала и екипа на противпожарната единица од Струмица со шестмина пожарникари кои поради специфичноста на несреќата употребиле и специјални хидраулични алатки. Веднаш по несреќата возачот кој управувал со возилото побегнал и по него во моментов се уште се трага.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Струмица и јавен обвинител.

За еден месец ова е трета сообраќана несреќа во струмичко со возило со мигранти. Во вторникот, во самиот град комбе полно со мигранти прво се судри со едно, а потоа удри во уште две паркирани возила. Во несреќата три лица беа потешко повредени.
На почетокот од јуни, возило кое превезуваше мигранти повторно беше учесник во сообраќајна несреќа што се случи на магистралниот пат Струмица Радовиш. Во неа, едно лице загина, а уште осум беа повредени. (З.Ѓ.)