Се очекува 30 отсто поскапо туристичко лето во Црна Гора

71

Цените на услугите на црногорското крајбрежје ќе се зголемат за најмалку 30 отсто во претстојната туристичка сезона, најави Илија Арменко, туристички работник од Петровац.

Арменко за „Подгорички Дан“ изјави дека ситуацијата е исклучително сложена, бидејќи Црна Гора, иако е препознаена како атрактивна дестинација, полека го губи чекорот со регионот.

„Сите се жалат дека недостига работна сила, бидејќи работниците одат во Хрватска за повисоки плати, а таму доминантни се гостите со подобра платежна моќ. „Ситуацијата е таква што немаме ниту работна сила да отвораме локали“, вели Арменко.

Тој наведува дека и покрај повисоките плати што ги плаќаат црногорските ресторани, во соседна Хрватска главниот готвач може да заработува и до 3.500 евра месечно.

„Овде платите на главните готвачи се движат до 2.000 евра, а во Хрватска до 3.500 евра, затоа повеќето одат таму, бидејќи условите се многу подобри. Кај нас платите се и до 30 или 40 отсто повисоки од порано, но работната сила оди таму каде што се подобри условите. Ни предвидуваат подобра сезона, но прашање е дали ќе биде така“, вели Арменко.

Според него, дополнителен проблем е краткото траење на сезоната, а како пример го наведува Петровац, каде сезоната, вели, трае околу 40 дена.

„Туризмот кај нас се сведе на социјала. Една чинија риба кај нас е околу 33 евра, додека истата во Дубровник чини 120 евра. Нашите давачки постојано се зголемуваат. Имаме се помалку гости кои плаќаат, полупансионот е меѓу 30 и 40 евра, што значи дека на туристите од Запад поевтино им е да летуваат во Црна Гора отколку да останат дома“, посочува Арменко.