Се очекуваат над 700 гости на Струмичкиот карневал што ќе се одржи од 8 до 10 март

84

Главната карневалска вечер на годинашниов Интернационален струмички карневал ќе се одржи на 9 март, а трите главни карневалски денови се на 8, 9 и 10 март. Со традиционалниот маскенбал на 8 март и изборот на принц и принцеза на струмичкиот карневал традиционално официјално почнува карневалската забава во градот под Царевите Кули. Принцот и принцезата со кралот на струмичкиот карневал ќе ја предводат големата карневалска поворка на 9 март на интернационалната карневалска вечер и ќе го означат почетокот на годинашното издание на еден од најпознатите карневали на Балканот и во Европа.

Според членот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Ванчо Ристов Патриков, се очекува учество на голем број карневали од странство.

– Очекуваме повеќе од 700 гости од земјите во регионот. Оваа година чекаме гости од Германија и секако учество на карневали од нашата држава, но и учесници од Струмица, кои секоја година го подигнуваат нивото на карневалските креации за скалило погоре, рече Патриков.

Карневалските празнувања годинава продолжуваат со Детскиот карневал на Прочка, на 10 март на плоштадот во Струмица, а на 11 март е Чист понеделник, кога традиционално се вари и се консумира бел грав. Истиот ден ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер и отворена изложбата и доделени наградите од наградниот конкурс за карикатури и афоризми на тема карневал.

Традиционалното карневалско корзо, посетата на домовите на армасаните (верените) девојки, како и доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски ќе се одржи на 12 март. Карневалските празнувања ќе завршат на 13 март со одбележувањето на тримерските обичаи.