Се намалува популацијата во Албанија, до 2031 година ќе има 2,5 милиони

77

Емиграцијата, растот на морталитетот и падот на наталитетот се закануваат да го намалат бројот на населението во Албанија, чиј број во јануари годинава бил 2,8 милиони, што е најниско ниво од 1982 година.

Во Националната стратегија за ова прашање се претставени две сценарија. Во она најоптимистичкото можно е да има зголемување на населението до 2,9 милиони жители до 2031 година, додека најпесимистичкото предвидува намалување на населението до 2,5 милиони жители, пренесува Ора њуз.

Од вкупно 12 окрузи, намалување на населението се предвидува во 10, додека само два округа се очекува да имаат повеќе жители отколку во моментов.

Според двете сценарија раст на бројот на жителите се предвидува во Тирана и Валона и тоа во главниот град за 3,9 а во Валона 1,4 отсто. Во окрузите Пешкопеја и Кукс населението ќе се намали за 12 отсто, а во Ѓирокастро и Фиер за пет отсто.

-Како загрижувачка појава во стратегијата се споменува намалувањето на бројот на ученици на сите нивоа на образование, кое во последните пет години бележи значително намалување. Само во учебната 2020-2021 година, бројот на ученици и студенти, вклучително и децата од предучилишна возраст, се намалил за 28.000, наведува телевизијата.

Додава дека тоа, како резултат на намалувањето на населението, што е последица на падот на наталитетот и емиграцијата која не запира.