Се крои ребалансот на буџетот, пари за пензиите и општините мора да има

На следната Владина седница на дневен ред ќе биде државната каса 

1724

 Новата министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во неколку наврати најави дека има простор за пренамена на 200 до 300 милиони евра. Овие пари ќе се потрошат за зголемени пензии и за проекти за општините, односно има предлог за децентрализација на буџетот кон општините за да тие бидат независни. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, реагираше  дека претходната власт го оставила буџетот во катастрофална состојба, па веќе во следните три години требало да се вратат 2,87 милијарди евра долгови, сума еднаква на половина од државниот буџет. Економските аналитичари предупредуваат дека на маса на ресорното министерство треба да биде уште една важна работа, а тоа е подготовка на рамката за задолжување од 500 милиони евра од Унгарија

 

 

Во Министерството за финансии интензивно се работи на ревизијата на државната каса, која е во дебела була по заминувањето од власта на СДСМ и ДУИ. Новата министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во неколку наврати, најави дека има простор за пренамена на 200 до 300 милиони евра. Овие пари ќе се потрошат за зголемени пензии и за проекти за општините, односно има предлог за децентрализација на буџетот кон општините за да тие бидат независни.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, реагираше  дека претходната власт го оставила буџетот во катастрофална состојба, па веќе во следните три години требало да се вратат 2,87 милијарди евра долгови, сума еднаква на половина од државниот буџет. Со ребалансот на државната каса се очекува приходите, расходите и дефицитот во апсолутна бројка да останат исти, но дупката во државната каса како процент од БДП ќе биде поголема.

Се очекува на следната владина седница главна тема да биде ребалансот на буџетот. Но, засега во јавноста нема детали. Како што велат економските аналитичари на маса на ресорното министерство треба да биде уште една важна работа, а тоа е подготовка на рамката за задолжување од 500 милиони евра од Унгарија.

Како што Мицкоски деновиве обелодени, оваа зделка за заем од половина милијарда евра ќе значи финансиска стабилност на економијата и тоа  250 милиони евра ќе бидат искористени како поддршка на македонските компании, а уште 250 милиони евра ќе бидат наменети за општински инфраструктурни инвестиции. Во првите три години заемот има грејс-период,а во следните 12 години каматната стапка е 3,25%.

Она што јавноста го знае од досегашните ребаланси на буџетот е дека се кратат капиталните инвестиции. Економскиот професор Абил Бауш потсетува дека оваа лоша практика се спроведува не година-две, туку во последните две децении. Според него не е добро кога се пренаменуваат средства за зголемување на платите и пензиите во државата.

-Најважниот дел со економскиот развој на една држава, нешто што никогаш не можевме да го надминеме е 40% реализација на капитални инвестиции. Но од новата Влада посочија дека ќе бидат прераспределени во социјалните фондови, ќе се зголемат пензиите, ќе се зголемат и платите во некои административни сектори итн. – вели Бауш и дополнува дека ова е неприроден начин на кој тие се обидуваат да направат корекција на економијата.