Љубителите на зимските спортови, особено на ски-скоковите, добро знаат кој е Јане Ахонен (44).

Легендарниот фински скокач е рекордер на новогодишната турнеја со пет победи, во кариерата 36 пати беше најдобар, а на подиумот застана вкупно 108 пати.

Сепак, Ахонен, како и многумина спортисти, имал проблеми со алкохолот. Пред неколку дена тој гостуваше во една спортска емисија во која откри многу работи поврзани за тој порок.

Финскиот скокач за прв пат призна дека е лекуван алкохоличар и проговори за проблемите кои ги претрпел во текот на кариерата.

  • Се борев од ден на ден. Во 2013 година решив да престанам да пијам. Сфатив дека се е надвор од контрола. Други ме притискаа, на крајот решив дека е доволно, иако не чувствував дека ми треба помош, изјави легендарниот фински скокач.

Ахонен не испил ниту капка алкохол осум години по што повторно потклекнал.

  • Ја отворив првата лименка пиво и помислив дека нема да ми се случи ништо лошо ако ја испијам до крај. Мислев дека сум зрел, мудар и дека научив некои работи и дека ништо лошо не може да ми се случи. После тоа, набрзо бев во иста состојба како пред осум години. Ништо не беше поинаку, открива Финецот и додаде:
  • Дури тогаш знаев дека нема ништо лошо во тоа да бидам малку поскромен, па побарав помош. Од тој ден добивам помош. Се борам трезен од ден во ден. Се надевам дека овој пат беше навистина последен, заврши Ахонен.