Се забранува употребата на пластични кеси – биоразградливите ќе чинат 15 денари

2361

Од 1 декември (среда) се забранува употребата на пластични кеси во нашата земја. Со тоа веќе нема да се произведуваат пластичните кеси, а биоразградливите ќе се наплаќаат по 15 денари. Со ова треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи кои ја загадуваат околината. За средствата од продадените пластични кеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.

– Дефинитивно ова е момент за да ги смениме нашите навики и се освестиме за тоа колку отпад создаваме – порачуваат од „Гоу грин“.

Оттаму посочуваат дека во просек трошиме по две пластични кеси по жител секој ден.

Исто така, од 1 декември се забранува користењето на пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во Македонија.

Ова се дел од мерките вградени во шестте пакет закони во делот на управување со отпад  што беа донесени во септември оваа година, со цел да се подигне свеста кај населението за намалување на отпадот и да се применат стратегиите и другите политики во Европската Унија за повторна реупотреба и рециклирање, користење на отпадот како гориво и депонирање, како најнепосакувана опција за справување со отпад.

Од „Гоу грин“ изработија прирачник што е практично известување за променета законска регулатива и зголемената одговорност на засегнатите страни. Во неа се обработени одредби од Законот за управување со отпад, каде јасно се потенцира хиерархијата во управувањето со отпад, кој и како се врши стратешко планирање во управувањето со отпад, обработка на што треба да содржат стратешките документи и планови. Опфатен е и делот со условите за стекнување уверение за Управител на отпад, Виш Управител – кој се јавува како потреба за изработка на планските и стратешките документи.

– Доколку почнеме да делуваме уште на почетокот на создавање на отпадот, директно влијаеме на количините со кои подоцна треба да се справуваме. Да тргнеме од себе, ако секој од нас почне да внимава што купува (потеклото, амбалажата, составот на производите) и притоа свесно одбира што ќе купи, како потрошувачи влијаеме на продажбата, со што ќе ги мотивираме компаниите да наоѓаат еко-решенија за пакувањето на нивните производи – велат од „Гоу грин“.

Оттаму потенцираат дека во 2019 година сме произвеле 456 килограми комунален отпад по жител, а само 2 проценти е селектиран.

– Во нашиот систем на управување со отпад нема функционална примарна или секундарна селекција. Доколку создадениот отпад заврши во контејнерот за комунален отпад, тој ќе заврши и во депонија. Собран селектиран пластичен отпад изнесува 1.4% од вкупниот собран отпад и тоа е резултат на преземени дејствија на колективните постапувачи и неформалните собирачи – нагласуваат од „Гоу грин“.

Посочуваат на развивање на неколку здрави навики како: употреба на платнена торба, користење батерии што се полнат, подарување или донирање на облека, поправка на апарати итн.

– Реупотребата или пренамената на определени производи го намалува количеството отпад во депонииите и заштедува нови ресурси. На пример, наместо да ја фрлиме конзервата од кафе, може да ја пренамениме во саксија, или кутија за чување пенкала. Има многу примри за вакви „направи сам“ пренамени на интеренет, за кои доколку имаме волја може лесно да се направат – истакнуваат од „Гоу грин“.

(С.Бл.)