Се гради атмосферски канал за новата Клиничка болница

51

Почна да се гради нов атмосферски канал кај Клиничка болница, инвестиција на Општина Штип и Јавното претпријатие „Стипион“.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски на денешната прес-конференција рече дека новиот канал ќе биде во функција на новиот објект на Клиничка болница, а чија изградба е во тек. Каналот се простира по улицата „Тодор Коларов“, главната сообраќајна артерија кон регионалната болница.

– Инвестицијата чини 1,7 милиони денари, се работи за атмосферски канал од над 200 метри, со Ф 400 цевки, со што се задоволуваат потребите-информираше Бочварски.

Тој најави дека Општина Штип веќе планира  и реконструкција на улицата „Љубен Иванов“ која е во непосредна близина на Клиничката болница. Оваа улица што поминува покрај турската медреса и води кон вториот влез и излез на болница е во лоша состојба и затоа е потребно нејзино итно санирање.

Бочварски потенцираше дека интензивно се работи на новиот Клинички центар, додека Општина Штип во координација со Министерство за здравство ги исполнува своите обврски за потребите на болницата.