Се гради водовод и канализација во штипската станбена зона Баби 6

31

Во штипската населба Баби, станбена зона шест, во тек е изградба на водоводна и канализациска мрежа. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски забележа дека овие активности започнале во 2014 година, а граѓаните редовно си ги плаќале комуналните давачки, по изведувањето на главната канализациска линија на улица седум, но работите биле стопирани.

– Со налог издаден од мене, активностите продолжија онаму кадешто застанале, при што се реализира дозавршување на канализација и изведба на водоводна линија на улица 7. Со тоа, водоводот и канализацијата на оваа улица се завршени – вели Бочварски.

Тој додаде дека започнати се активности за изведба на водоводна и канализациона линија на улица “6” и се очекува овие активности да завршат за 15 работни дена.

– Со ова обезбедуваме водовод и канализација за 22 станбени објекти на улиците 6 и 7 во населба Баби. Со подобрување на временските услови, улиците “6” и “7” ќе бидат асфалтирани – рече Бочварски.

Вкупната вредност на овие проекти е предвидено да изнесува околу 7,5 милиони денари.

Средствата се обезбедени од Општина Штип, по програма за уредување градежно земјиште и буџет на ЈП “Исар” Штип.