Се бараат доброволци кои ќе се заразат со коронавирус

229

Првото медицинско испитување во светот во кое е дозволено намерно изложување на субјекти на коронавирус бара волонтери поради развој на подобри вакцини.

Истражувањето на Универзитетот во Оксфорд започна минатиот април, три месеци откако Велика Британија стана првата земја која одобри испитување на Ковид-19 на луѓе, пишува „Хина“, пренесува „Н1“.

Неговата прва фаза, која сè уште е во тек, се фокусира на откривање на количината на вирусот потребна за да предизвика инфекција, додека втората ќе има за цел да го одреди имунолошкиот одговор потребен за да се спречи инфекцијата, се вели во соопштението на Универзитетот.

Научниците се блиску до утврдување на најслабата можна вирусна инфекција, што гарантира дека околу половина од луѓето изложени на него ќе бидат асимптоматски или ќе имаат блага форма на болеста.

Тие потоа планираат да ги изложат доброволците, сите претходно природно инфицирани или вакцинирани, на таа доза од оригиналниот сој на вирусот за да одредат кои нивоа на антитела или имунолошки Т-клетки се потребни за да се спречи инфекцијата.

„Тоа е имунолошки одговор што треба да го зајакнеме со новата вакцина“, рече Хелен Мекшејн, професорка на Универзитетот Оксфорд која ја води студијата.

Наодите од истражувањето ќе помогнат да се направи идниот развој на вакцините многу побрз и поефикасен, се вели во соопштението.

Имунолозите ширум светот се обидуваат точно да го одредат нивото на имунолошки одговор што вакцината мора да го предизвика за да се заштити од болести.

Негативната страна на истражувањето е ризикот по здравјето на волонтерите кои ќе се заразат со корона, иако универзитетот ги презема сите мерки на претпазливост.

Испитаниците мора да бидат здрави и на возраст од 18 до 30 години.

Тие ќе бидат во карантин најмалку 17 дена, а секој кај кој ќе се појават симптоми ќе го добијат лекот Регенерон.