Се асфалтира последната делница од стариот пат Виница – Делчево

81

Градежната механизација на јавното претпријатие „Македонија пат“ денеска го почна асфалтирањето на последната делница долга 3,1 километри од регионалниот патен правец Виница – Делчево.

Градежните работи се изведуваат меѓу селата Црн Камен и Калиманци, со што по три децении целосно ќе се комплетира стариот пат што ги поврзува двете општини.

– Со средства во висина од 19 милиони денари, што ги обезбедивме преку Јавното претпријатие за државни патишта, ја стартувавме финализацијата на последните километри од патот, чија ширина е 3,5 метри. Во зависност од временските прилики, градежните работи треба да завршат за десетина дена. Со тоа ќе добиеме уште едно квалитетно сообраќајно решение за поврзување на Виница со соседната општина Делчево, а тоа ќе биде и големо олеснување за жителите од ридско-планинските населени места, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Реконструкцијата на регионалниот патен правец Виница – Делчево, што поминува низ планински предел, почна пред околу две години.

Неговата вкупна должина е 14 километри и тој често се користи како алтернативно сообраќајно поврзување, пред сè поради забраните на магистралниот пат А3 преку Македонска Каменица каде често се случуваат одрони на карпи.