„Сестри“ е македонски кандидат за Оскар за 2022

151

Филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума е македонски кандидат за престижната награда Оскар за 2022 година.

Оваа одлука ја донела Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“, при Друштвото на филмските работници на Македонија во состав: Дејан Димески – кинематографер и претседател на Комисијата, Роберт Јанкуловски – фотограф и кинематографер, Петар Богоевски – дизајнер на светло, Несрин Таир – актерка, Снежана Поњевиќ-Муча – сценографка, Александар Пејовски – композитор и Дритон Вејсели – актер. Во конкуренција за кандидатурата беше и филмот „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи.

Инаку, „Сестри“, првиот долгометражен филм на Дума, имаше светска премиера на 55-то издание на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде ја освои специјалната награда од жирито (East of the West Special Jury Prize).

Филмот, на „Лист продукција“, ја прикажува приказната за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Во главните улоги се Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Сценариото е на Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а продуцентка е Марија Димитрова.

Македонска премиера филмот имаше на отворањето на ИФФК „Браќа Манаки“ во септември годинава.

Церемонијата на 94. доделување на Оскарите ќе се одржи на 27 март 2022 година, во Лос Анџелес.