Скопје џез-фестивал, завчеравечер, започна со извонредниот концерт на супериорно најдобрата и најпопуларна џез-пејачка во светот, трикратна „Греми“ лауреатка Сесил Меклорин Салвант, чија изведба беше наградена од публиката во Националната опера и балет со огромен аплауз и овации. Она што, сепак, фрли дамка на отворањето на ова 43. издание, кое се одвиваше во преполната сала на Националната опера и балет, е третманот на организаторите на фестивалот кон новинарите кои настанот го следеа – од скали

 

Годинешниов Скопје џез-фестивал, кој сам по себе е голем македонски музички бренд, со нетрпение очекуван не само од љубителите на џез-музиката, туку и од џет-сетот во државата, вчеравечер започна со извонредниот концерт на супериорно најдобрата и најпопуларна џез-пејачка во светот, трикратна „Греми“ лауреатка, Сесил Меклорин Салвант. Она што сепак, фрли дамка на отворањето на ова 43. издание, кое се одвиваше во преполната сала на Националната опера и балет, е третманот на организаторите кон новинарите, седмата сила која на професионален начин со години наназад го следи и известува од фестивалот.

Додека публиката уживаше во концертот, удобно сместена во своите седишта, новинарите имаа исклучително непријатно искуство. Поради ненумерираните билети за концертот кои ги добија, имаа можност да го следат настанот само седејќи или стоејќи на скали?! Впрочем, нешто што е целосно неприфатливо со оглед дека самиот Скопје џез-фестивал го има статусот на еден од најочекуваните и најпосетените музички настани во државата, меѓу другото токму благодарение на известувањата на новинарите и фоторепортерите од концертите. Иако во годините наназад се случувало настанот да започне и со 30 и повеќе минути задоцнување, секогаш беше проследен на најпрофесионален начин.

Сепак, и покрај ваквиот третман од страна на организаторите, завчеравечер го проследивме концертот кој и буквално ги исполни сите наши очекувања.

Најдобрата американска џез-пејачка на денешницата, Сесил Меклорин Салвант, која настапува со својот блескав квартет во кој, меѓу другите, членува и еден од водечките американски џез-пијанисти Саливан Фортнер, ја одушеви публиката со својот настап. Уште од првата изведена композиција таа воспостави извонредна комуникација со публиката која секоја нејзина песна ја поздрави со громогласен аплауз и овации. Нејзиниот извонреден вокал и професионалност на целиот тим на сцената, ги воодушеви присутните. Она што посебно остави белег е и нејзиното „благодарам“ кажано на македонски јазик, а упатено до присутната публика. А публиката уживаше во секој миг од концертот и особено во заедничката изведба со џез-пијанистот. Таа со насмевка на лицето на сцената ги комбинираше џез, фолк и блуз-музиката, како и театарската и барокната традиција. Во нејзината изведба беа вткаени и срцето и душата…

Првиот настап во Скопје на оваа голема музичка ѕвезда сигурно ќе остане запаметен, а огромната посетеност и задоволните лица во салата докажа дека во Македонија има публика жедна за добар џез. Дел од публиката беа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која впрочем не пропушта ниту еден важен културен настан и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов со сопругата.

Директорот на Џез-фестивалот, Оливер Белопета, вечерта пред самиот почеток на концертот ја најави и програмата на ова 43. издание, која ќе трае до 20 октомври и која сигурно ќе привлече голем интерес кај љубителите на џез-музиката.

Завчера во Младинскиот културен центар настапи и македонскиот состав „Next to Silence“.

Вечерва, во НОБ (20:00 ч.), концерт ќе одржи бендот „Rodrigo Amado The bridge“, а во 22 ч.), ќе настапи и бендот „Тhe end“.

На 19 октомври во (22 ч.), пак, на програмата е и ексклузивниот концерт на „Rob Mazurek Exploding star orchestra“ што ќе се одржи во Националната опера и балет, каде што претходно концерт ќе има и Њујоршкиот пијанист и композитор Давид Вирејес (20 ч.). Музичката вечер ќе заврши со концертот на Алабастер Де Плум во МКЦ (24 часот), уметник од Лондон чија „најголема вредност е отвореноста“. (Д.Т.)

Фото: П.Стојановски