Сервер: Македонија требаше многу порано да добие датум, од неа зависи кога ќе стане полноправна членка

35

Датумот за почеток на пристапните преговори со ЕУ Северна Македонија требаше да го добие многу порано, но „многу подобро подоцна отколку никогаш“, вели Даниел Сервер, експерт за Балканот, кој предава напредни меѓународни студии во реномиранот вашингтонски универзитет „Џон Хопкинс“. Во однос на тоа кога тој очекува земјава да стане полноправна членка на ЕУ, Сервер вели дека тоа целосно зависи од Скопје.

-Претстои многу работа, да се испреговараат, применат и имплементираат акиата (aquis communautaire). Северна Македонија се покажа добра во пишување на законите, но заостанува во имплементацијата, вели Сервер во изјава за МИА.

Тој смета дека за да се исполнат сите овие задачи, ќе бидат потребни повеќе години.

Според Сервер, покрај тоа што Брисел даде зелено светло за почеток на преговорите со Македонија и Албанија, Русија и понатаму ќе продолжи со кампањата на наметнување свое влијание во регионот.

Руското влијание во регионот се засили откако Црна Гора и Србија ги започнаа преговорите за членство со ЕУ, првата во 2012 година, втората во 2014 година, а Сервер се надева дека со даденото зелено светло за преговори со Македонија и Албанија, ЕУ ќе ги засили напорите да се наметне како клучен фактор во регионот.

-Но Русија ќе продолжи да прави се што е во нејзина моќ да создава пречки и конфузија, изјави тој.