„Сенките на занаетите“ – изложба од турскиот уметник Билал Јилмаз на КРИК

20

Во рамки на програмата на седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, утревевечер (четврток, 30 јуни) во КСП Центар – Јадро, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Сенките на занаетите : инсталација на светлина-сенка-звук“ од турскиот уметник Билал Јилмаз, кураторка на проектот е Лидија Хаѕиоану од Грција.

„Сенки на занаетите – Скопје“ е резултат на партиципативно истражување за занаетчиската култура во Скопје, реализирано за време на едномесечениот престој на
уметникот Билал Јулмаз и кураторката Лидија Хаѕиоану во рамките на КРИК – фестивал за критичка култура, заедно со учество на локални креативци. Во контекст на нивниот проект Creative – Craft Platform (Креативна платформа за занаети), Билал Јилмаз и Лидија Хаѕиоану имаат цел да воспостават мрежи и заедници на занаети и креативци во контекст на предизвиците кои ги носи со себе постиндустриското општество. Проектот нуди алатки за воспоставување колективна архива на занаетчиската култура и активирање на креативците да размислуваат за потенцијалот на занаетчиството, притоа документирајќи и разбирајќи ги аспектите на трансформацијата на занаетчиството во современиот контекст.

Скопје е првиот град кој е мапиран надвор од Турција, по Истанбул и Ајвалик. Партиципативното истражување реализирано во изминатите неколку недели е претставено на интерактивна дигитална мапа. Тоа е првиот чекор кон формирање на
локална заедница на креативци и занаети, која ќе стане дел од динамична меѓународна мрежа на мапирани градови. Инсталацијата го визуелизира процесот на мапирање и истражување, преку предмети и звуци кои го претставуваат занаетчискиот пејзаж на градот. Креативни истражувачи се Билјана Клекачковска, Милена Сливоска, Ники Танурева, Христина Крстеска, Мелита Ивановска, Маја Стојковска, Ненад Трповски, Јана Коцевска, Марија Милошевска, а оригинален звучен пејзаж – Рубар Диндар.