Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржува утре во Тирана, има цел да го потврди клучното значење на стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и регионов. Албанија е прва од западнобалканските земји која е домаќин на оваа средба за зацврстување на ЕУ-перспективата. Но, наспроти обидите да се зајакне регионалната соработка, сенките на недоразбирањата и понатаму се надвиснати над Западен Балкан, особено во односите меѓу Србија и Косово.

Клучни теми на Самитот, како што е најавено, се заедничкото справување со последиците од руската агресија врз Украина со фокус на негативните ефекти врз енергетската безбедност и достапноста на храна во регионот и разгледувањето координирани активности на безбедносните и одбранбени прашања, како што е борбата против дезинформациите од странство и подобрувањето на колективната кибер- безбедност.

Лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе разговараат за продлабочување на политичкото учество, со особен фокус на младите, како и за заедничко справување во насока на менаџирање на миграцијата долж рутата на Западен Балкан, што подразбира и усогласување на ЕУ-политиката на визна либерализација и соработка за системот на репатријација.

На самитот се поканети сите 27 земји членки на ЕУ и партнерите од сите шест земји од регионот на Западен Балкан.

Македонската владина делегација на самитот ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во неа се и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Шефот на дипломатијата, Османи, оцени дека самитот ЕУ – Западен Балкан е сериозна порака за посветеноста на ЕУ во регионот.

– Овој самит се случува во нова консталација на односите, поради фактот што ние ги почнавме преговорите. Ќе има четири земји од регионот што преговараат со ЕУ во однос на кандидатскиот статус. Веќе полека се консолидира прашањето дека не само ЕУ туку и земјите од Западен Балкан немаат алтернатива во однос на тој процес – истакна вчера, во пресрет на самитот, Османи.

Но, наспроти обидите за зајакнување на регионалната соработка, сенките на недоразбирањата и понатаму се надвиснати над односите меѓу Србија и Косово. Па затоа до последен момент беше неизвесно присуството на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на самитот. Тој, сепак попладнево откако се посоветувал со премиерката Ана Брнабиќ и со соработниците, реши да замине за Тирана.

– За мене е тешко кога станува збор за Косово и Метохија да го разберам тој израз за „две страни“, а ние ништо не сме сториле. Не сум сигурен, но, секако, ќе има некаква корист од моето одење во Тирана. Ако не одам, сигурно би имало голема штета за нашата земја – истакна денеска Вучиќ.

Тој минатата недела изјави дека е подготвен да не патува на самитот и дека никој од Србија нема да присуствува на состанокот. Причина за ова беше одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го назначи Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќање во Косово, наспроти волјата на косовските Срби, како и поради реакцијата на ЕУ на таа одлука, која Белград ја оцени како блага.

Албанскиот премиер Еди Рама, по тој повод, упати порака до српскиот претседател Вучиќ дека неговото учество на самитот нема алтернатива.

– Учеството на самитот е единствениот пат што го има Вучиќ, бидејќи во спротивно, тоа би било катастрофално за него и за Србија – истакна Рама.

Дополнителна грижа за Рама беше и најавениот протест на опозицијата за време на самитот, но тој беше оптимист дека нема да има инциденти, бидејќи „самитот е организиран подолго време и се преземени сите мерки од Албанија и европските организатори“.

Пред почетокот на самитот, се очекува телеком оператори од земјите од регионот и ЕУ да потпишат декларација, како прв чекор за намалување на цените на роамингот од октомври 2023 година. Процесот, како што брифираат ЕУ-претставниците, ќе продолжи и понатаму, а операторите ќе преговараат со цел постигнување на крајната цел.

Во однос на идејата за постепено интегрирање на регионот со ЕУ и кои фази и области се планираат, според ЕУ- претставниците, еден добар пример за тоа е заедничкиот пазар, што е еден клучен чекор кон усогласување и интегрирање на пазарот на Западен Балкан со пазарот на ЕУ, а целта е реплицирање на овој пример и во други сфери, како што се роамингот и формирањето заедничка платформа за трговија со енергенси. Се очекува лидерите на крајот да усвојат заедничка декларација.

Самитот ЕУ – Западен Балкан е дел од стратешката агенда на Советот на Европа 2019-2024. Претходниот самит ЕУ – Западен Балкан се одржа во Брдо кај Крањ во Словенија, во октомври 2021 година.

(И.С.)