Под мостот кај МАНУ, или познат како „Мост на револуцијата“ речиси еден месец распослани под шатори живее семејството Дибран. Шехерезад Дибран е мајката на осум деца, а таткото е Илми, кој при нашата посета не го затекнавме под мостот.

Педесетгодишната Шехерезад ни раскажа дека претходно живееле под Кале, бидејќи им ја урнале бараката во која живееле, бидејќи таму требало да се гради хотел. Останале без живеалиште и затоа се преселиле под мостот.

Нејзината ќерка Санела Дибран која живее со нив има и десетгодишен син Орхан кој боледува од епилепсија. Таа вели дека има уште две сина кои се во Домот во Битола. Овие луѓе молат надлежните институции да им обезбедат соодветно сместување, бидејќи се речиси на отворено и живеат во несоодветни услови.

– Мојот сопруг и синот во моментов се во Пунктот за бездомници во Момин Поток, за да се избањаат, бидејќи овде нема каде. Јас сум болна од астма, ми требаат лекови. Никој не презема ништо за нас – се жали Шехерезад, покажувајќи ја пумпицата.

Ова семејство опстанува собирајќи пластични шишиња. Под мостот можеа да се видат повеќе огромни вреќи полни со пластични шишиња.

– Мораме од нешто да преживееме. Собираме пластични шишиња. Овде поминува камион, ги предаваме шишињата и добиваме пари за нив. За една вреќа добиваме 300 денари – објаснува Шерхерезад.

Координаторот на Пунктот за бездомници во Момин Поток, Драгана Лазаревска го познава ова семејство.

– Овде доаѓаат да земат храна и да се искапат во среда и петок бидејќи овде немаме услови за сместување. Има можност само во зимскиот период и тоа е само времено, во стационарот – изјави Лазаревска.

Директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Наташа Станојевиќ вели дека се запознаени со овој случај.

– Ова семејство два пати доби понуда да бидат сместени во Центарот за бездомници Чичино Село, каде им беа ставени на располагање две соби, три оброка во текот на денот и хигиенски средства. Тие два пати ја одбија понудата, со образложение дека сакаат да бидат поблизу до градот – изјави Станојевиќ.

Таа истакна дека тие побарале да бидат сместени во Визбегово, но таму капацитетот бил исполнет, а не постоела можност да се сместат ниту во Заводот за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение  „Ранка Милановиќ“, бидејќи тоа се прави со одлука на Влада, а капацитетот таму, исто така бил исполнет.

– Откога сум директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Град Скопје немам слушнато да била нарушена безбедноста во Чичино Село. Обезбедувањето е на највисоко можно ниво. Ангажирана е Агенција за обезбедување која се грижи за безбедноста 24 часа, а и нашите стручни лица се таму од 8 до 16 часот. И евентуално доколку кога нашите стручни лица не се на работа се случи нешто, од обезбедувањето веднаш нè контактираат и нè известуваат. Но, засега немало ништо сериозно – тврди Станојевиќ.

Млада жена во картонски кутии спие под мостот „Око“

Ова семејство не е единствено кое живее под мост. Одејќи по кејот на реката Вардар, веднаш под мостот „Око“, во картонско живеалиште можеше да се забележи како млада жена спие, најверојатно со своето мало дете.

Не сакавме да ги разбудиме, бидејќи тие сè уште спиеја и не можеа да ни ја раскажат својата животна приказна. Сигурно дека тие не се единствените.

 

(А.П.) – Фото: Н. Батев