Семејното насилство во пораст: Ќотек од мажот добивав како „добро утро, добар ден“!

- За време на карантинот работите дома излегоа од контрола. Мажот ми беше постојано дома, ќотек беше како добро утро, добар ден. За мене не ми беше жал, жал ми беше за децата. Се обиде и да ме задуши. Решив да не трпам повеќе, спасот го најдов овде, во центарот за жртви во Струмица, тие ме спасија, вели за весникот ВЕЧЕР жртва на семејно насилство. Во најголемиот број случаи како сторители на насилството се јавуваат мажите. Но во последниот период сè повеќе има примери во кои жените се сторители, а мажите жртви на семејно насилство.

134

Семејното насилство на југоистокот од државата бележи пораст. Во второто тромесечје од оваа година статистиката на СВР Струмица бележи 147 поплаки поднесени поради физичко, психичко или економско малтретирање. По истиот основ и во истиот период лани биле поднесени 119 такви поплаки. Во истиот период полицијата бележи и 22 кривични дела поврзани со семејното насилство.

– Вкупно 12 во 2020, наспроти 8 во 2019 година кривични дела се со нанесена телесна повреда предвидена во член 131 став 2 од кривичниот законик. И 10 наспроти 8 кривични дела загрозување на сигурноста предвидени во член 144,  вели портпаролката на струмичката полиција Хризантема Рендевска.

Една од причините за зголемувањето на семејното насилство биле и мерките за  ограничено движењето поради пандемијата со корона вирусот. Дел од жртвите се охрабриле и одлучиле помош и поддршка да побараат во Шелтер центарот во Струмица. Една од нив која веќе извесен период се наоѓа во Шелтер центарот   вели дека поминала низ вистинска тортура. Нејзиното секојдневие било исполнето со закани психичко и физичко малтретирање, вакво е секојдневието речиси на секоја од нив.

– За време на карантинот работите дома излегоа од контрола. Мажот ми беше постојано дома, ќотек беше како добро утро, добар ден. За мене не ми беше жал, жал ми беше за децата. Се обиде и да ме задуши. Решив да не трпам повеќе, спасот го најдов овде, во центарот за жртви во Струмица, тие ме спасија, вели за весникот ВЕЧЕР жртва на семејно насилство.

За порастот на семејното насилство во последниот период  сведочат и од шелтер центарот  во Струмица. За неколку месеци помош од нив побарале преку 50 жртви.  

– Преку педесетина жртви побараа помош или совет во објектот односно во Шелтер центарот, а половина од нив и беа згрижени. Она што како шелтер или како центар за заштита на жртви од семејно насилство го нудиме тоа е интервентна помош на жртвите, исто така згрижување на три месеци, со можност за продолжување шест месеци, информираше за весникот ВЕЧЕР, Катерина Давчева, од Шелтер центарот за жртви од семејно насилство.

Во најголемиот број случаи како сторители на насилството се јавуваат мажите. Но во последниот период се повеќе има примери во кои жените се сторители, а мажите жртви на семејно насилство. (З.Ѓ.)