Секое чудо за три дена – експресно повлечен законот за промена на полот!

826

Предлог-измените на Законот за матична евиденција со кои, меѓу другото, се предвидуваше промена на полот со нотарска белешка, вчера експресно беа повлечени од дневниот ред на собраниската Комисија за политички систем. За повлекување на предлогот, според кој се овозможуваше секој граѓанин кој има наполнето 18 години да има право на правно признавање на родот, освен опозицијата, гласала и ДУИ.

– Каква хипокризија! Јас уште минатата недела јавно ги прашав ДУИ дали сметаат дека за ова ќе ја добијат поддршката од нивниот електорат од албанска етничка припадност. Дополнително, бидејќи власта во овој предлог-закон се повикуваше нa пресуда нa Европскиот суд зa човекови права, уште еднаш би сакала да ја потсетам истата дека ние имаме еден куп пресуди oд ЕСЧП зa многу посериозни работи, пресудени на штета на државата, за кои до ден-денес не се изменети законите! – изјави за весникот ВЕЧЕР пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Од СДСМ појаснуваа дека овој Закон има цел да ги заштити граѓаните и државниот буџет од судски пресуди во Стразбур.

„Државата плаќа отштета како резултат на одлуките на Судот за човекови права во Стразбур, и наша обврска останува да ги заштитиме граѓаните и буџетот“, велат од владејачката партија.

Освен од ВМРО-ДПМНЕ, законот не доби поддршка ни од Алијанса за Албанците ни од Алтернатива. Стојановска реагира и на, според неа „перманентната злоупотреба на европското знаменце, како уште еден доказ на власта за дефокус од кризите и сиромаштијата“. Стојановска вели дека овие предлог-измени ќе претставуваат основ и за промена на Законот за семејство во блиска иднина, каде што се уредени бракот и семејството, со што ќе може да влијаат и кон понатамошни измени на Законот во делот за истополови бракови.

И нејзината сопартијка Иванка Василевска тврди дека со самата најава на Законот по социјалните медиуми, Владата покажала дека власта пушта пробни балони кои имаат за цел да го оттргнат вниманието на граѓаните од „сеопштата криза која го разорува животниот стандард“. Таа вели дека со најавата на Артан Груби дека овој Закон ќе биде повлечен со образложение дека наш граѓанин добил пресуда во Стразбур, Владата уште еднаш демонстира неединство помеѓу коалициските партии и праша „на какви нозе стои тесното парламентарно мнозинство“.

– Бараме СДСМ да одговорат: Која е вистинската причина за повлекувањето на овој скандалозен закон и дали истиот закон имаше владина поддршка од сите политички партии кои се дел од власта?! Прашуваме, до кога ќе бидеме заложници на социјални експерименти кои го уништуваат, и духовно и ментално, цивилизираниот општествен поредок? Наедно, апелираме до власта дека треба да престанат со праксата на потценување на македонските граѓани и да се ослободат од заложниците и ветувањата што ги донесоа на власт! – вели Василевска.

Инаку, во образложението за потребата од законските измени, предложени од Министерството за правда, стои дека правното признавање на родот е процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род.

– Правото на транслуѓето да добијат документи кои ќе го рефлектираат нивниот родов идентитет е клучно за тие да можат да функционираат соодветно во општеството и да бидат заштитени од низа повреди на човековите права, вклучувајќи ја дискриминацијата при вработувањето, физичките и вербалните напади, како и ограничувањето во склучувањето на брак и пристапот до добра и услуги – се наведува во образложението. Предложените одредби треба да ја олеснат постапката со тоа што таа се сведува на декларирање од страна на личноста и заверување на изјава на нотар. (Е.А.)