Секое лето иста мака за вадење нови лични документи-Скопјани во ред за пасоши, за термин се чека повеќе од еден месец!

Од МВР не добивме информација колкав е бројот на граѓани кои аплицирале за пасош во Скопје, но нè информираа дека во летниот период биле зголемени апликациите за пасоши и поради тоа министерството организирало прием на барања и во сабота. Но, ваква е ситуацијата само во Скопје. За разлика од главниот град, во останатите градови во Македонија постапката за добивање на пасош оди без застој.

129

Како по традиција и ова лето чекањето да извадат нови пасоши им задава главоболки на граѓаните на Скопје кои веќе ги испланирале своите годишни одмори. Наши читатели, изминатата недела се пожалија дека се обиделе телефонски да закажат термин за добивање на пасоши во редовна постапка, но од Одделот за издавање на патни исправи при МВР  во Скопје, им закажале термин за фотографирање дури во август.

„Пред неколку дена се јавив во Одделот за пасоши за да закажам термин за да извадам нов пасош во редовна постапка. Од таму ме информираа дека слободен термин за фотографирање е 10 август. Ако го закажам терминот тогаш, значи мојот пасош би бил готов на крајот на август или на почетокот на септември – ни соопшти редовна читателка, која додаде дека поради доцнењето на нејзиниот пасош, веројатно својот летен одмор да ќе го помине во Македонија.

Од МВР не добивме информација колкав е бројот на граѓани кои аплицирале за пасош во Скопје, но нè информираа дека во летниот период биле зголемени апликациите за пасоши и поради тоа министерството организирало прием на барања и во сабота.

„Министерството за внатрешни работи со цел да им излезе во пресрет на граѓаните, организира прием на барања и во сабота, а граѓаните кои имаат итна и неодложна потреба за патување имаат можност да извадат патна исправа во итна постапка. Исто така напоменуваме дека во согласност со Законот за патни исправи граѓаните можат да направат редовна замена на патната исправа до една година пред истекување на истата – информираат од МВР.

Обврската за навремено заменување на старите патни исправи со нови, граѓаните често ја оставаат за последна. Дел од нив ја користат итната постапка за добивање пасош која ги спасува од долгото чекање, но сепак цената за оваа постапка, која чини речиси 5.000 денари,  не можат да си ја дозволат многумина, па поради тоа се принудени да чекаат за пасош.

За разлика од главниот град, во останатите градови во Македонија постапката за добивање на пасош оди без застој. Како што нè информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, таму дневно се поднесувале од 40 до 60 барања за пасош кои „навремено се примаат, обработуваат и испраќаат барањата и апликациите на граѓаните“.

И на подрачјето на СВР Битола, кое опфаќа неколку градови, нè информираа дека зголемен е бројот на граѓаните кои аплицираат за патни исправи по редовна постапка, но дека сè се одвива во термините кои се законски определени.

-Како и секоја година, така и оваа во летниот период е зголемен бројот на поднесени барања за издавање патни исправи.
Термините за закажување  се определуваат преку МВР на CALL-центарот, а граѓаните од град Битола и град Прилеп закажуваат за 10-ина дена и  откако ќе се сликаат ги добиваат во законски предвидениот рок.
Исто така, ве известуваме дека ОУР Битола и ОУР Прилеп работат подолго од работното време во сабота сè со цел да им излезат во пресрет на граѓаните – истакна Сања Стаматова, портпаролка на СВР Битола.

Граѓаните и минатата година се соочуваа со проблеми при вадењето на патните исправи, а пред шалтерите на МВР, за патни исправи се чекаше во долги редици.

Министерството, лани, застојот го оправдуваше со пренесувањето на податоците во новиот систем како и усогласувањето на документите со новото уставно име на државата. (П.Ч.)