СЕИРЏИЈА, ЉУБОМИР ЈОВАНОВСКИ – Кара: Школо

77

– Еј, здраво! Не сум те видел одамна. Од каде доаѓаш?

– Какво пријатно изненадување. Јас од белиот свет, а ти каде?

– Тешко е тука – со тажна насмевка на усните, младиот човек лежерно ниша со главата. – Работиш за ситно, не ти се знае до кога, партиски кадри на сметка на квалитет, исфорсирана елита, менаџерски тимови кои го допреа „небото“, земни богови, привилегии. На мигови, тонеш во депресија, не ја гледаш иднината за која сонуваш, реалноста е мачен кошмар.

Двојката ја прифаќа насмевката со сите нејзини содржини и тешко издишува:

– А јас пак, од белиот свет домче.

– Колку убаво го рече тоа. Но зошто?

– Ете така. Се враќам назад по две години поминати надвор.

– Не ти беше добро? Не се снајде? Носталгија или што?

– Што си по струка?

– Машински инженер.

– Заборави – девојката одмавнува со дланка.

– Зашто?

– Ако сакаш да успееш и да избориш некаков статус, треба да заборавиш што си завршил и што си бил тука кај нас. Значи, имаш нов почеток. Освен… ако немаш препорака од влијателни структури кај нас дома.

– Како да ми е познато сето тоа. Ама сепак, што и да работам, ќе заработам многу повеќе отколку дома.

– Мислиш?

– Се надевам. Слушам разни приказни.

– Да речеме… како конобар, бебиситер или единка која ќе се грижи за здравјето на изнемоштени и стари лица, како водич на кучиња и градинар, како бродско момче, бодигард, можеби. По струката? Веќе ти реков. Но, не сакам да те разочарувам бидејќи има и такви кои одлично се снајдоа. Патем, мене ме отепа и носталгијата. Таа е голем непријател, а тука до неа се и чувствата.

– Што понатаму?

– Ќе пробам нешто дома. Барем сум до своите. Се надевам дека ќе работам нешто далеку од мојата струка.

– Чинам дека заврши политички науки?

– Не сакам околу промашувањата. Тоа беше исфорсирано од страна на нашите планери кои себе си се сметаа за визионери. Всушност, се полнеше буџетот, а и ние младите не вршевме притисок за вработување бидејќи сите се вдадовме на школо.

– Како е со занаетите? – праша момчето.

– Занаетлиите се на цена и тоа солидна. Во суштина, се зависи каде си се упатил. Не е исто Италија и скандинавските земји. Освен тоа, пасошот…

– Средено ми е. За среќа, имам искуство со редење плочки или кречење. Ова како алтернатива.

– Гледам, добро си се подготвил.

– Како и ти, се плашам од носталгијата. Чувствата можат да бидат погубни, а јас не сум баш имун на емотивни удари. Туѓина ти е тоа, знам добро од туѓи искуства.

Оф! – девојката одмавнува со дланка. – Издржи, што да ти речам друго. Ако ти успее да спечалиш нешто, чувај го за да го инвестираш кај нас. Подруго е ако во светот имаш поддршка од ветерот во едрата на судбината.

– Здраво лузери!

Девојката и момчето се вртат. Млад човек, нивен врсник, облечен во тегет Армани одело и со чевли Луј Витон, со животен стил што ја истакнува неговата машкост, модерна ирокез фризура и седмична брада, со луксузен Audemars Piguet Royal часовник на раката, им приоѓа со широка насмевка на усните.

– Еј, па ова е Јордан – девојката гледа збунето во него.

– Нашиот школски? – се чуди момчето. – Па каде си Келемузе (по битолски глуп, смотан, злобен). Тоа ти беше прекарот, нели? Те немам видено од прва година факултет кај се изгуби?

– Е, па, Китач ( човек што замара – пак по битолски), бубало бубулосано, јас сум ти врвот и таму надвор и тука дома. Сонот што го имавте вие одличните ученици сега е моето јаве!

– Како тоа, не те разбирам? – девојката ги собира рамениците.

– Така фино. Додека вие учевте ветер и магла, јас учев од улицата и од животот. Но бев толку лукав што воопшто не ја пречекорив тенката црвена линија од слободата до занданата. Вие се гордеевте кога ве фалеа професорите, јас учев од вистинските мајстори на животната сцена. Можеби во почетокот лижев чевли ама трпев и издржав. Во следната фаза им ги вршев помалку валканите работи на луѓето кои постојано ми велеа да не ги прашувам како стасале до првото милионче. Штом го завршив школото на улицата за кое не морав да платам кој знае колку како вие на тие ваши ветер и магла факултети, ме стаса повисоко ниво со поголема одговорност.

– Гледам… си научил добро да се изразуваш – забележа девојката.

– Е, па, светот низ кој сега се движам, е оној на glamor and fun (гламур и забава)што би се рекло. Но ајде да завршам. Работите дојдоа до таму, што моите газди ме испратија на работа надвор од земјава. Патем, ми обезбедија и диплома компјутерски програмер откако минав неколку курсеви. После тоа, заиграв со берзански шпекулации и други далавери па во еден момент, јас ги надмашив и моите учители. Парите почнаа да ми паѓаат од небо.

– Па добро, со што се занимаваше? – праша момчето. – Со струката?

– Ама каква струка, човеку! Мојата обврска беше да ги тешам сопругите на моите газди за време на нивните чести отсуства кога своето слободно време го користеа за провод со прекрасни старлети. За повеќе, некој друг пат. Авионот само што не ми полетал. Туку… што велите да ве вработам во некој од моите хотелчиња на Флорида. Заборавете на струката, на емоциите и на чувствата. Откако ќе расчистите со тоа, парите сами ќе почнат да ви врнат. Што велите за предлогот?

– Среќен ти пат – му посака девојката. – Јас расчистив… се враќам дома.

– А јас пак нема да полетам – беше категорично момчето.

– Од каде сега ова? – го праша вчудовидено девојката.

– Решив да го завршам вистинското школо, Маја.

– Па ти си машински инженер, нели?

– Да, јас сум машински инженер но сега ќе морам од почеток бидејќи се чини дека сум одбрал погрешен пат.

– Како тоа?

– Од овој миг, започнувам да го учам школото на животот и на улицата!

Гостивар, 2018