СЕИРЏИЈА, ЉУБОМИР ЈОВАНОВСКИ – Кара: Чистилиште

9

– Не трескај со вратата, бре! Имај малку усул во тоа тиквата!

– Прости ми пречесен фосилу – дрско се чепати момче од дваесетина години и претрчува како ветер покрај креветот на дедо му. Очите му се ошиклени, а лицето му е варосано.

Во истиот миг, се отвара вратата и низ неа како фурија се втурнува девојка со нешто над триесетина години. Погледот и е огнен и од него фркаат секавици. Има големи темни кругови под очите. Зазбифтана, се упатува кон тоалетот. Арно ама, момчето е многу поитро и влегува пред неа.

Рики, проклет да си! – вреска таа на сиот глас. – Ќе се фикснеш малку, а? Мамо, тато!

– Ако си на зорт, симни се долу – и нафрла со потсмев Рики. – Драга сестричке, јас штотуку исчезнувам!

– Што време дојде – воздивна тешко старецот и стенкајќи, се врти на грбот. – Жими кандилото, светот вакви и ве посакува. Полесно ќе ве вртат околу малото прсте. Едно време, се гордеев со црвената партиска книшка иако ги мразев комуњарите од дното на душата. Но дури сега можам да ја разберам нивната изрека за „простиот народ и силната држава“.

Затни си ја устата, мило наше зајдисонце! – му се здаде девојката и трча кон скалилото. – Не знам по кој пат го слушам тоа од твојата уста. Треба да разбереш дека твоето одамна помина!

– Наранете ги кучињата и мачките! – вреска машки баритон.

Да, беси зборува како сам на себе старецот низ двата последни, кривоколчести заби од горната вилица. – Ајванчињата ви се поблиски од луѓето. Исфрустриран милет (народ), цивилизирани но заробени галеничиња. Ќе го пуштевме Караман и по три дни го немаше. Кога ќе се вратеше назад дома, беше исцрпен и уморен ама бескрајно радосен и среќен.

– Ти си задолжен со нив, срце – нежно му сугерира женски сопран кој во случајов е посилен од баритонот. – Не смееш да дозволиш кутрите животинки да патат.

Кат подолу, пред девојката скокна маж на возраст од четириесетина години. Тој итро и го попречи патот. Таа се обидува да го надитри и да го заобиколи но тоа не и успева бидејќи е вешт и силен.

– А, бе, ќе задоцнам, идиот низаеден! – го чука со тупаници по грбот. – Ќе ми го фукнат отказот, проклет да си!

– Зошто не стануваш порано кога знаеш дека газдата ти е толку строг? – и дофрла тој и се уфрла во тоалетот на долниот кат. – Впрочем, имаш уште еден тоалет на приземје!

– Ване бе, копиле низаедно!

– Знаеш што, сестро?

– Што?

Лапни ми од задникот! Кој те тераше синоќа до ниедно време да му седиш во скутот? Впрочем, не ми се верува дека тој метузалем ќе отпушти парче како тебе.

Проклет да бидеш!

До неа се исправи стројна жена. Таа ја мери со поглед полн презир и благо ја турка настрана. Попатно и нафрла:

– Израз за во клозет, душо. Не ти доликува, така да знаеш. Луѓето мислат дека си дел од елитата. Мажот ми како нешто да сака да ти каже Бети… или… или можеби се лажам?

– Види ја пак сега оваа? – девојката со прстите ги затвора ноздрите. – А, бе, нешто како да ми труе на лепешки? Што мислиш мори Евдо, која си ти? Уште удираш на куп шталско, така да знаеш! Не знам каде му беа очите на брат ми кога те зеде? Змииче, море алетина си ти! Ама… пусто наследство. Ич не му беше важно твоето „азган“ минато!

Снаата Евда му се натопори со рацете вденати во половината, го искриви суратот и и го исплази јазикот.

– Цркни! – вресна и дискретно тропна на вратата од клозетот. – Ване, излегувај веднаш!

Како ќе кажеш, срцка – мажот и излегува со откопчан учкур.

– Е, Ване, Ване – ѕвери во него сестра му Бети, – стана што се вели, со лајното на задникот! Ту, јазак, што дочека!

Лукаво, покрај нив се провлекува човек на средни години. Личи на Ване. Тие се браќата на Бети.

Поминуваш, а ниту „добро утро“ , сому! – му се дере Бети. – Од оф на леле! А, бе, кога ќе ве видам на изгрејсонце, знам дека ме чека пеколен заод, баксузишта!

– Јас не морам да брзам – слатко се смее Гоце. – Јас сум свој газда и мене никој не ме држи во скутот. Ама… секогаш сакам да сум прв.

Тој трчешкум се спушта кон приземјето.

– Не знам како те декса онаа твојана на која му собра се, мршојадецу – му враќа Бети. – Имам еден таков на работа. Вол, море волиште! Прост до немај каде, а врти убавици како од шега. Не знам што му видоа? А, бе, што ви е вам двајцата? Имате куќи палати, а се туткате овде кај дедо Апостол. Сте се настрвиле на имотов како да зависите од тоа. Зошто не `не оставите на раат нас кои уште не сме се снашле?

– Не би рекол дека не си се снашла, сестро – се врти Ване. – Ете на пример, кај мене во фирмата држам две инженерчиња кои се генијалци. Што мислиш, колку ги плаќам?

Бети ги собира тупаниците:

– Не би ме чудела кога би слушнала дека тие ти плаќаат за да учат менаџерско ајдучки занает кај тебе. Ти си базичен профил за неукост и простотилок. Арно ама вистински човек за денешново време!

– Тоалетот е мој – Гоце не го лази мува. Свирка низ усните. Потоа му нафрла на Ване. – Вистина, бе брат. При толкаво наследство од твојата караманка, не ти е срам да киснеш тука и да чекаш стариот да оптегне нозе?

– Вие ми бевте урнекот, ваше височество!

Од клозетот се слуша јарешко мекање. Снаата и се потсмева.

– Ако мислиш на овој имот на дедо Апостол, тогаш веројатно ти е познато дека тато е во немилост кај дедо. За нас ич да не правиме муабет!

– Суртук! – му дофрла Ване. – Врие од пара, а мене ме суди!

Бети повторно прета како некоја мисирка за да го спречи братот во намерата да и го заземе и последниот тоалет во куќата но повторно без успех.

– Ќе си пукнам! – вреска хистерично таа. – Дедо грешил што не направил за секој измет по еден клозет!

– Излегувај надвор оти ќе те смачкам, така да знаеш! – грми машки баритон и тропа по вратата од тоалетот во кој се наоѓа најмалиот член од семејството. Човекот е крупен и ќелав. На мазното лице нема чувства. Ботокс. Тоа е таткото на семејството, по ранг веднаш зад дедо Апостол.

– Кој те шиша – одговара момчето од тоалетот. – Можеш да им се силиш и да им продаваш мадиња за бубрези на твоите кутри студенти што ги сотре од рушвети, а не мене. Јас веќе исчезнав од овој заебан свет!

– Гене, те молам стори нешто оти ќе ни оди детето – го држи под мишка жена му и преде околу него како маче. Лицето и е со бразди, а кесите обесени над јаболчниците. Кој знае со колку естетски третмани е.

– Немаш авторитет, синко мој – му дофрла старецот и се поткрева на лактите. Капе од смеа. – Ех… ама тука е мојата вина. Дадов се од себе за да те изучам. Имав желба да станеш видна личност во општеството но не те научив да бидеш човек. Погледни ја сега оваа лудница во која живееме, овој метеж, оваа црна слика на нашето семејство кое е клетка на општеството. За ова вие тврдите дека е напредија? А, бре, вие не знаете подалеку од носот иако себе си се сметате за најумни на светот. Купипродај, далавери, наследства, грабежи, кој кому ќе му подмести. Ловци во матно, вечен глад по пара, успешни во процес на бесконечна транзиција. А вистинските вредности и духот, каде ви се тие? Интелектуална сиромаштија, духовна беда. Каде ја закопавте совеста? Што е со чесноста. Туку… знам. За вас, тоа се порочни нешта. Мирен човек, чесен човек… него го сметате за будалинка, а во него лежат вистински вредности кои вие ги користите. Има и знаење и умеење но не може да се истакне заради шутраци како вас. Потребна ми е само една клозетска шолја иако сме бројни. Сите треба таму, а некој да ја повлече полугата од казанчето. Тоа е нашето чистилиште. Навистина се прашувам каде вакви какви што сме, бре луѓе?!

Гостивар, 2018