СЕИРЏИЈА, Љубомир Јовановски – КАРА: Софистицирани стопанственици

120

– Стаорец, господине Стојко!

– Што зборуваш бре, Трпе?…- округлавесто лице со катови подгушки и планинско руменило на образите, втренчено ги вкопа своите жабечки очи во пцовисаното животно испружено на прагот. – Што чекаш, фрли го во контејнерот!

– Знаете ли што значи ова?

– Што значи? – подзамижа крупниот Стојко несмасно наврен во свилената домашна наметка.

– Една од мафијашките финти за закана кон оние што нешто или им должат или им се замериле, господине!

– За коњска глава знам од филмовите за Кумот – Стојко нервозно си го чешкаше голото теме. – Туку, направи како што ти реков. Немам јас од кого да стравувам дури и да сум погрешил нешто. Трајко!

Дотрча Трајко. Човеков како и Трпе, несиктер е откорнат од некоја карпа. Многу снага и мускули, куса коса, дебел биволски врат, краток ум.

– Земи го баде мантилов и дај ми го новиот костум.

– А каде е вашиот баде мантил, господине?

– Па на мене, зарем не го гледаш?

– Оф… да! – Трајко ја зема свилената наметка и му намигнува на Трајко. – Газдава упорно го прекрстува машкиов пењоар во баде мантил.

                                          *

Второто утро, иста слика.

– Ај, мајката! Што да се прави? Навистина имам луѓе на кои им се замерив па дури малку и ги ошурив во неколку наддавања и трговски зделки ама верувам дека првин отворено би ми се заканиле, а дури потоа би удриле со овие мафијашки далавери.

– Луѓето на газда Јордан немаат смелост. Ние сме побројни од нив, а и поголеми тепачишта. Со банда како нашава, немаат шанси. Но, треба да се биде внимателен.

Слушајте ваму, бре! Ние не сме банда туку софистицирани стопанственици, никогаш да не го заборавите тоа! Ајде сега, пуштете ги доберманите нека акаат низ дворов и дење и ноќе. Туку… се сетив нешто. Пред некој ден го отпуштив Силјана, мојот личен возач. Беше се настрвил на мојата љубовница Митра. Мислам дека тој стои зад оваа ујдурма!

– Митра? Па таа си го мени името. Ја знам добро. Од моето село е. Сега ја викаат Мерилин.

– Ама кој ти зборува за името, бре! Неа ја избркав од дома, а него го отпуштив. Кучињата ќе го средат ако се обиде повторно.

– Ама тие не се добермани – упаѓа Трајко, – туку ротвајлери.

– Море марш оттука!

                                       *

Ова што му се случуваше на почитуваниот новоиз`ртен бизнисмен како и на многу слични, белким има свои корени некаде во далечното минато. Оттогаш па наваму, постоеше во нивните глави ама не видело светлина. Шеесетите години од минатиот век за нас луѓето што живеевме во комодитетот на фифти – фифтинска Југославија и во пријателски односи со земјите од двете страни на Железното перде, САД и делот од капиталистичка Европа беа романтични светови, а Советскиот Сојуз идеолошки пример и огромна мечка која може да не одбрани со свои закани кон лажниот за нив, „слободниот свет“. Но нити едното, ниту другото, не беа вистинската перцепција. Секој на состојбата си гледаше со свои очи. Оттогаш се се смени и ништо не се смени.

Овој заклучок има свој филинг врз приказнава. Станува збор за ете „таа“ романтична Америка која најпрвин го крена делот од капиталистичка Европа со Маршаловиот план, а потоа го освои целиот свет со своите вестерн, авантуристички и ноар (мрачни – криминалистички) филмови, со џезот, блузот, рок енд ролот, мјузиклите и сјајот на Бродвеј, Лас Вегас, Чикаго… Мрачните филмови од богатото минато на Холивуд, не се ни бледа сенка од морбидните визуелни содржини на денешниве хорори или воени филмови. Значи Холивуд, тоа царство на соништата, ги пласираше своите аудио-визуелни содржини низ светот (освен или во мала мерка зад Железната завеса) и стана симбол на слободарска Америка.

Овде кај нас, веднаш беа копирани сленговите, штосевите и однесувањето на холивудските ѕвезди. Сепак, сиромаштијата не можеше да ја покрие таа грда импровизација од модно сценска имитација на холивудски сјај. Гардеробата, колонските водички и настапите беа далеку под нивото на прекрасните мјузикли на МГМ, Ворнер Брадрс, Твенти Ценчери Фокс, Парамоунт и останатите филмски студија. Денес, нашите прекрасни девојки и мачо момци можат слободно да бидат повратен урнек за плејадата прекрасни суштества од некогашните мјузикли. Слободен свет, тоа ти е.

Гари Купер, Џон Вејн, Џејмс Кегни, грдиот легендарен Хемфри Богарт и многу други фаци на кои се надоврзаа европските мачисти Ален Делон, Белмондо, Габен, Серве, Лино Вентура, Оливер Рид и останатите, во ноар филмовите имаа свои банди. Кај вестерните освен „моја банда – твоја банда“ имаше и индијанци. Сето тоа, се пренесе и на домашната животна сцена па и кај нас имаше маалски тепачки помеѓу оние од „моја и твоја банда“. Беше доволно некој да подвикне „камај“ како искривено од come on на Џон Вејн па да почне тепачка помеѓу маалата за филан – фалан девојка која флертувала со момците од обете страни, за зимски сладолед или за зашеќерено јаболко. Бидејќи ние немавме индијанци, сите до еден по малку ја игравме нивната маченичка и за многумина негативна ролја. Некои тоа го споредуваат со денешницава.

Вистинската фора на оваа увертира го потврди своето влијание врз Балканот дури за време и после крвавата разврска при распадот на замислениот и добро проектираниот работнички рај на СФРЈ како потврда на апстрактната Утопија на Томас Мор. Распадот за поголемиот дел од жителите на некогашната заедница беше трагедија во секој поглед. За оние кои гледаа малку подалеку, поседуваа индивидуална дрска сигурност во себе и покрај тенкиот ментален состав, перцепција и визија за организирање на сопствениот живот преку притаен грабеж на она што беше сечиво, а ничиво, тргнаа по патот кој ги водеше до благодетите на слободниот свет.

                                          *

Се случи уште неколку пати, на прагот од домот на газда Стојко, да се најдат распарчени тела на големи стаорци. Ни крив ни должен, тазе отпуштениот возач Силјан се најде во болница со темни мазници по телото и неколку искршени ребра. Мафијашка одмазда? Можеби. Трајко и Трпе без милост го искршија. Ја притиснаа и Мерилин ама ниту од неа фајде. Немаше што да признае. Стојко се прибра во домашен затвор и почна да копнее. Го изеде јанѕата. Се разболе па и тој се најде во болница. Најпосле го посети шефот на другата банда, газда Јордан исто така софистициран стопанственик.

– Се колнам во децата дека не сум јас, газда Стојко! Жими иконата и светецот!

Делуваше искрено небаре е сицилијански бос.

Трајко и Трпе се враќаа навечер од посета во болницата. Пред влезната врата од домот на газда Стојко, се појави самостоен член на една нова банда виновникот за сета оваа игра. Мачорот Тошо во устата држеше крупен стаорец. Тој три пати мјаукна за да се пофали со пленот и да си ја собере наградата во сочен залак. Беше го сотрел целото племе од соседството полно голубарници. Слободен свет, тоа ти е…

Гостивар, 2019