СЕИРЏИЈА, ЉУБОМИР ЈОВАНОВСКИ – Кара: ГМ храна и останато

106

Седат соседи и пијат утринско кафе. Мажот и жената се средовечни Албанци, комшијата е десетина години помлад Македонец.

– Асан, дали ја регулира пензијата? – прашува Станко.

– Тоа брзо оди таму – посочува Асан со рака високо подигната над главата покажувајќи замислено кон туѓина во која го мина сиот животен век.

– Овие нашиве малку кочеа ама и тие беа за машала. Работата се заврши.

– Нека ти е со среќа и долго да си ја користиш.

– Ти благодарам и ти посакувам да си дочекаш една ваква радост.

– Што ќе ми кажеш на крајот од твојот престој таму, во Германија?

– А…. има и вакви и такви моменти. Има за фалење, има за жалење. Ама кога ќе помине се, убаво си поминав. Ако не бев таму, како ќе ги ранев десетте усти и Асаница плус?

– Освен тоа, им отвори пат и на децата да ти се придружат и сега да печалат таму.

Асан го искриви лицето. Темен облак му мина преку челото.

– А, бре, Станко, тежок е гурбетот, брат. Цел живот на туѓо, цел живот далеку од блиските. Ама… тоа ти е…

– Знам, знам. Еве и моиве се токмат да кинисаат надвор. Уште отсега ги думам. Туку, кажи нешто убаво, нешто да се насмееме.

– Ајде де, кажи нешто смешно – го поттикнува Асаница и однапред се смее знаејќи го како шегобиец.

Асан воздивна и почна:

– Гледам, пред мене огромна кланица. Ставени во боксови кои личат на долги коридори, рикаат говеда. Едно по едно, право кон еџелите (оние што ќе им пресудат – касапите). Тие тоа го чувствуваат и се напнати. Удираат со копитата по плочникот, пуштаат измет од зорт, се пенават и тресат со главата.

– А бре, станува збор за кланица и тука не гледам ништо смешно – го прекинува Станко. – Кутрата стока, да не си и во кожата!

– Полека, полека, сабур малку – со раширена дланка, Асан ја намалува тензијата.

– Допрва доаѓа она за кое можеби ќе фрлиш и по некоја солза. Значи, се подготвува големо колење. Градовите големи, многу народ и гладни усти кои треба да се нахранат. Ние тука вработените, се обидуваме да го држиме редот иако не ни е сеедно што се случува. За многу кратко време, боксовите се веќе празни.

– Тажно, а не смешно.

– Со посебни камионети ладилници, месото детално прегледано но уште пресно, го носиме во касапници. Нема време да преноќи оти станува збор за голема потрошувачка. Заедно со еден мој пријател, купуваме килограм и се упатуваме кон заедничкиот стан за да го подготвиме оти сме мртви гладни.

Асаница крушум се потсмева. Таа оваа приказна ја има слушано многу пати.

– Го сечам месото, тоа игра, трепери несиктер е живо. Потоа потскокнува и во тавата. Јадеме, како во устата да грицкаме дрво. Ниту вкус, ниту мирис.

– И? – прашува Станко.

– Се случи чудо. Првин тој, а по него и јас, почнавме да трепериме и да мрдаме со сите дамари. Како да не фати грозница. Тоа да ти било некое месо припремано со биотехнологија – ГМ , разбираш? Јадеш, а уште си гладен. Се тресевме како во диско клуб.

Асаница не можеше да се воздржи, а Станко само што не експлодира од смеа бидејќи Асан на многу сликовит начин демонстрираше како се тресе од главата до петиците.

– Ама ова не е се – се стокми да продолжи со своето раскажување Асан откако слушателите малку се смирија. – Министерот за земјоделство на државата во која работев, увезува контингент шаргарепи од една соседна земја. Гледаме вечерта на ТВ екраните и што да видиме. Прикажуваат шаргарепи долги ни помалку ни повеќе туку половина метар ако не и подолги. Едноставно, една шаргарепа да нарани чета!

– Што се случи понатаму? – со солзи во очите, Станко го подбоцнува да продолжи.

– Ти реков дека ќе проплачеш? Туку… што знаеш ти за модерните времиња?

– А, бре, знам за ГМ производи ама дотолку…

– Е, така ти е тоа. Оттаму, ќе ни дојде и ваму. Само е прашање на време. Погледни колку пилешки стекови, бутки, прасечко месо и говедина доаѓаат од увоз? Мисирките им се како ноеви, кокошките како тетреби, а од едно килце говедско, испаѓа едвај триста грама откако ќе се испржи. За свинското ти ќе кажеш.

– Во право си, џанам!

– Се сеќавам на моето прво вработување – продолжи Асан. – Бев вработен во фирма за производство на лакови. Тешка и одговорна работа. Малку по малку, ми се наруши здравјето. Еден ден, доаѓа газдата и прашува кој од нас се разбира во негување и чување на коњи. Знам дека имаше прекрасно ергеле и сортни грла. Без да размислувам, се пријавив.

– Имаш искуство? – ме прашува.

– Како не, газда. Со коњи пораснав.

– Навистина пораснав со коњи арно ама не полнокрвни и тркачки туку со домашни, повеќе коски на нив отколку месо. Ваму – таму, се снајдов. Едно утро ме викна да ја разгледаме фармата. Ме возеше со луксузен џип.

– Имаш ли дечиња – ме прашува.

– Имам десет, газда!

– Десет? Дали им ги знаеш имињата?

– Она тамо шесто по ред – се уфрла Асаница и се смее. – Не им ги знаеше имињата и грешеше кога им се обраќаше!

– Ова му го кажав на газдата и тој капна од смеа. Го прашав дали тој има деца и тажно ми рече дека нема. Поминавме покрај едни гробишта.

– Ги гледаш гробиштава? – ме прашува, а јас нишам со глава. – А ги гледаш и оние од спротивната страна?

– Ги гледам – одговарам. – Навистина, гледам две парцели со гробови.

– На овие тука лежат луѓе кои пукнале, а на оние таму луѓе кои умреле.

– Ама газда… каква е разликата?

– Е, Асане мој, првите имале деца, вторите како мене, немале!

Удри во смеа, а јас иако се воздржував, гласно му се придружив.

Се смееја и Асаница и Станко и се држеа за стомак. Кога раскажуваше, Асан беше вистински мајстор за актерство. После утринското кафе и шегите, денот навистина им беше комшиски прекрасен.

Гостивар, 2018