Северна Кореја изведе тактичка вежба за нуклеарен напад

32

Северна Кореја изведе симулирана вежба „тактички нуклеарен напад“ со две крстаречки ракети со долг дострел, објавија државните медиуми, додека лидерот Ким Џонг-ун ја надгледуваше изградбата на бродови и фабрика за муниција, пренесе Хина.

Споменатата вежба била изведена во саботата наутро со цел да се „предупредат непријателите“ дека земјата ќе биде подготвена во случај на нуклеарна војна, пренесува државната новинска агенција КЦНА.

Пјонгјанг вели дека ќе продолжи да работи на „тактики за одвраќање“ насочени кон Вашингтон и Сеул.

Две крстаречки ракети со лажни нуклеарни боеви глави беа истрелани кон Жолтото Море на западната страна на Корејскиот полуостров, прелетајќи 1.500 километри на височина од 150 метри.

Со цел да ја нагласи важноста од зајакнувањето на поморските сили на Северна Кореја, Ким Џонг-ун посети фабрика за муниција и комплекс каде во тоа време се произведуваат поморски мотори.

„Ким Џонг-ун потврди дека на следната пленарна седница на Централниот комитет на Работничката партија, акцентот ќе биде ставен на модернизацијата и развојот на бродоградбата“, се вели во соопштението на државната агенција, но не е прецизиран датумот. на пленарната седница.

Последната вежба на Северна Кореја дојде два дена по завршувањето на 11-дневната годишна заедничка вежба меѓу Јужна Кореја и САД, за време на која беа спроведени воздушни вежби со бомбардери Б-1Б.