„Свислион“ ќе стане целосен сопственик на „Агроплод“

52

Компанијата „Свислион“ Скопје има намера да ја преземе целата компанија „Агроплод“АД Ресен. Ова „Свислион“ Скопје го објави преку Македонската берза.

Во план е откуп на 8.364 обични акции со право на глас, што е еднакво на 100 проценти акции на „Агроплод“.

Според објавата „Свислион“ планира за овие акции да понуди 13.530 денари по акција.

Дека оваа операција ќе биде со позитивен исход потврдува позитивното мислење за преземањето што го дадоа органите на управување и синдикатот на „Агроплод“. Се чека уште Комисијата за хартии од вредност да даде дозвола за преземањето.

„Свислион“ подолг период е сопственик и најголем акционер во „Агроплод“ каде  поседува 68,41 отсто од акциите или 18.126 обични акции. Лани беше издадена втора емисија акции кои во целина ги купи „Свислион“.

Според податоците од Македонска берза лани компанијата од Ресен остварила пониска добивка поради пониски приходи и зголемени трошоци.