Свирежите се оправдани кога ќе се плати карта

66

Интер во изминатите осум дена доживеа три непријатни порази. Калчо гигантот ги загуби првенствените дуели против Торино (0:1) и Болоња (0:1), а во 1/4 финалната рунда од Купот на Италија беше елиминиран од тимот на Лацио (1:1, 3:4 на пенали).

Веднаш по поразот од Лацио, италијанските медиуми се распишаа дека предводникот на “нероазурите”, Лучијано Спалети, е пред отказ. Лавината и од критики продолжи и по новиот првенствен пораз на “Џузепе Меаца”.

И покрај очајната игра на неговите избраници, искусниот стручњак не верува дека постои некаков бојкот помеѓу играчите.

  • Верувам дека играчите се со мене, односно дека ја имам нивната поддршка. Знам дека се со мене, но ни недостасува нешто. Го немаме борбениот дух, ја немаме потребната самодоверба. Кога сте несигурни, тогаш правите многу грешки и ги губите бодовите. Не е можно да играте подобро од ова доколку го немате потребниот карактер кој е потребен за да се биде дел од Интер, изјави Спалети.

Поранешниот предводник на Удинезе, Рома и Зенит додаде дека не очекува јавно да биде поддржан од клупските челници кога се во прашање гласините за отказ.

  • Ништо не е променето во мојата глава. Јас не сум навикнат на ваквиот начин на работа, додаде Спалети.

Трофејниот стручњак откри и што мисли за канонадата од свирежи кои беа насочени на неговата адреса.

  • Свирежите на навивачите не се нешто ново. Неколкупати во мојата кариера сум бил во ваква ситуација. Кога ќе платат карта, нормално е да побараат нешто по желба. Тоа е поизразено кога клубот се вика Интер, заврши Спалети.

Италијанските медиуми шпекулираат дека во игра за тренерската функција се Антонио Конте и Жозе Мурињо.