Светскиот ден на аудиовизуелно наследство ќе се одбележи со промоција на книгата „Антонио Митриќески: Хроника на еден филмски сон“

119

Кинотеката на Македонија на 27 октомври (среда) ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата „Антонио Митриќески: Хроника на еден филмски сон“. Книгата е издание на Кинотеката, а автор е Стојан Синадинов. „Антонио Митриќески: Хроника на еден филмски сон“ е микс од монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти.

Водена од мотото на оваа глобална манифестација – „Вашиот прозорец кон светот“ – Кинотека ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, ученициите, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани.

Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).

Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки и тн.) од цел свет во периодот околу 27 октомври на различни начини го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн, со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на аудиовизуелните материјали и нивното значење за колективната меморија.

„Аудиовизуелните материјали можат да ја раскажат вашата приказна, вашата вистина и вашето присуство. Тие обезбедуваат прозорец кон светот, овозможувајќи ни да ги набудуваме настаните на кои не можеме да присуствуваме, да слушаме гласови од минатото кои повеќе не можат да зборуваат и да изработуваме приказни што информираат и забавуваат. Аудиовизуелната содржина сè повеќе игра витална улога во нашите животи додека се обидуваме да го разбереме светот и да се вклучиме во општеството. Промовирајте правда, еднаквост и мир преку аудиовизуелни снимки. Прославете ги триумфите во вашата заедница и забавувајте нè со вашата приказна. Покажете ни го вашиот прозорец кон светот“ – се вели во годинешната порака на Тоби Сиј, претседател на CCAAA.

Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви и осум други сродни меѓунарони организации. Mеѓу нив и ФИАФ (International Federation of Film Archives), каде што членува Кинотеката, а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното наследство за идните генерации.