Српската заедница во земјава, со свечена Светосавска академија, на 27 јануари, во Македонскиот народен театар ќе го одбележи националниот празник на Србите – Денот на српскиот просветител Свети Сава, под покровителство на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и на Владата на Република Македонија. Пред присутните ќе настапи Уметничкиот ансамбл на Министерството за одбрана на Република Србија „Станислав Бинички”, атрактивниот танцов ансамбл „Уна Сага Сербика“, оперските уметници Љубица Вранеш и Оливер Њего, како и македонскиот оперски пејач Игор Дурловски и актерите од Народниот театар од Белград…
Српската заедница во земјава, со свечена Светосавска академија, на 27 јануари (19 ч) во Македонскиот народен театар ќе го одбележи националниот празник на Србите – Денот на српскиот просветител Свети Сава. Под покровителство на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и на Владата на Република Македонија ќе биде одржана и пригодна културно-уметничка програма.
„Покрај централната манифестација во Скопје, оваа година одбележувањето на националниот празник на Србите е предвидено и со настани во уште три града во Македонија. На 26 јануари (19 часот) ќе се одржи Свечена Светосавска академија во Куманово, на 28 во Битола, и на 4 февруари во Тетово. Во изминатиот период ја утврдивме оваа манифестација како традиција, со тоа што се потрудивме да го подигнеме нивото и таа да стане препознатлива во целиот регион“, посочува Иван Стоилковиќ, лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, пратеник во македонското собрание и претседател на организациониот одбор на прославата. Тој посочува дека годинава карактеристика на прославата е не само масовност во однос на присутните гости од Република Србија и Република Српска, како и од регионот и Македонија, туку и масовност на сцена.
Пред присутните ќе настапи Уметничкиот ансамбл на Министерството за одбрана на Република Србија, „Станислав Бинички”, атрактивниот танцов ансамбл „Уна Сага Сербика“, оперските уметници Љубица Вранеш, солист на Белградската опера (мецосопран) и баритонот Оливер Њего, српски оперски пејач и професор на Универзитетот во Крагуевац, а како што вели Стоиљковиќ, во духот на најдобрата традиција на пријателство и разбирање, на Светосавската академија ќе настапи и македонскиот оперски пејач Игор Дурловски (бас), но и актерите од Народниот театар од Белград и српскиот колумнист и публицист Драгослав Бокан.
„Ќе имаме една манифестација која по своето содржинско ниво и квалитетот што се нуди е освежување за македонската културна сцена. Од друга страна ќе се обидеме да направиме еден спој на традицијата и модерното. Се надевам дека програмата ќе биде задоволителна не само за присутните во салата, туку и за целата македонска јавност“, посочува Стоилковиќ, кој додава дека целиот настан ќе биде пренесуван на четвртиот канал на Македонската телевизија.
Инаку, во однос на присутните гости, тој истакна дека и годинава на Светосавската академија ќе присуствуваат високи претставници од Република Србија и Република Српска. „Ќе биде присутен личен пратеник на претседателот на Србија, потпретседателот на Владата и министер за одбрана Милош Вучевиќ, делегација од Собранието на Србија која ќе ја предводи потпретседателот на Собранието, министерот за дијаспора и Србите во регионот и уште неколку министри од Владата. Исто така ќе имаме делегација од Одборот за дијаспора и Србите во регионот и Управата за дијаспора и Србите во регионот. Ќе присуствуваат и претставници од Република Српска, од Народното собрание на Република Српска, како и претставници на српскиот народ во Црна Гора. Со оглед дека изминатите години сме имале забелешки како тоа го одбележуваме националниот празник, кој инаку е посветен на Свети Сава без присуство на црква, она што во овој момент е мошне битно е што овој пат ќе имаме чест манифестацијата да ја одржиме со благослов на српскиот патријарх. На Светосавската академија ќе присуствува личен претставник на патријархот и со тоа и последната забелешка ја надминуваме како проблем. Ова има значење и за севкупниот амбиент на подобрување на односите меѓу двете цркви српската и македонската, што мошне позитивно ќе се одрази во понатамошниот развој и на односите на српската заедница во Македонија“, истакнува Стоилковиќ. (Д.Т.)