Сведоштво на Македонка која живее во Мерано, Италија: Сите сме затворени дома како да е воена состојба

Македонката Слаѓана Крстевска, која живее во градот Мерано, во регионот Алто Адиџе, во северниот дел на Италија, за весникот ВЕЧЕР вели дека сите се затворени дома како да е воена состојба.- Во моментов ситуацијата овде е под контрола. Децата се на распуст, со возрасните седат дома. Секојдневно нè информираат за ситуацијата со вирусот, а има и „нумеро верде“ број за прва помош каде што треба да се јави секој граѓанин кој има покачена температура

2911

Во Италија досега починаа седум лица од корона вирус, а над 220 се заразени, стотина илјади луѓе се во карантин,воведени се  и ограничувања за движење со цел спречување на ширењето на вирусот. Македонката Слаѓана Крстевска која живее во градот Мерано во регионот Алто Адиџе во северниот дел на Италија за весникот ВЕЧЕР вели дека сите се затворени дома како да е воена состојба.

-Во моментов ситуацијата овде е под контрола. Децата се на распуст, а возрасните седат дома. Секојдневно не информираат за ситуацијата со вирусот а има и „нумеро верде“ број за прва помош каде треба да се јави секој граѓанин кој има покачена температура. Потоа доаѓа амбулантна кола со заштита и се носи во изолација и таму се тестира дали е носител на корона вирусот. Сомнителните случаи не се носат во болница за да не се зарази медицинскиот персонал, вели Крстевска.

Крстевска вели дека во провинциите Ломбардија и Венето, каде што има заразени од корона вирус, заштитата е на високо ниво, градинките и училиштата се затворени, а откажани се сите културни и спортски натпревари, како и карневалот.

-Паниката се шири побрзо од болеста. Во заразените делови сите се во карантин, продавниците се празни и сите се на готовс. Живеат во страв и паника, додава таа.

Крстевска раскажува дека во градот Мерано, во регионот Алто Адиџе, кое е познато туристичко место и покрај тоа што е намалена фреквенцијата на луѓе по улиците сè уште можат да се забележат по некој залутани  туристи во градот.

Друга Македонка Елена Стојковска, која моментално е на работа во Љубљана, вели дека поради ситуацијата во Италија со корона вирусот е забрането излегување надвор од Словенија.

Таа вели дека со оглед на тоа дека секојдневно во Словенија доаѓале Италијанци, граѓаните се исплашени дека постои можност набрзо и во Словенија да се прошири заразата.

-Се чека три недели колку што трае инкубацијата за да се види дали ќе се појават  првите случаи на лица заразени со корона вирус, вели Стојковска за весникот ВЕЧЕР. (А.С.)