Необична празна пита чија главна состојка е лукот. Претставува неофицијален бренд на врањанскиот крај. Таму ја подготвуваат на различни начини, но сепак главни состојки на оваа пита се лукот, корите за пита и кисела павлака, кисело млеко или јогурт. Многу е ароматична токму поради лукот во неа, но и прилично вкусна.
Инаку името „самса“ потекнува од персискиот збор „самоса“, што значи триаголник, или триаголно пржено или печено и полнето тесто.
Состојки:
- 500 гр готови кори за пита
- 7 лажици брашно
- 1/2 коцка квасец
- 125 гр маргарин
- 300 мл вода
Прелив за самса:
- 200 мл кисела павлака
- 200 мл јогурт
- 4-5 чешниња лук
- сол по вкус
Подготовка:
Готовите кори премачкајте ги со подготвената смеса од брашно, вода, кавсец и стопен маргарин. Смесата не треба да биде погуста од смеса за палачинки и потребни се по две лажици смеса за една кора.
Кората завиткајте ја во ролна и од ролната сечете парчиња од околу 4-5 см должина. Секое парче редете го во подмачкана тава. Вака подготвената самса печете ја во загреана рерна на 220 степени, околу половина час.
Додека се пече самсата, подгответе го преливот за премачкување. Лукот истолчете го или изгмечете го со алатка за лук. Помешајте ги сите состојки и прелијте ја питата кога ќе биде заруменета. Потоа вратете ја во рерна уште десетина минути.
Питата се служи топла. Уживајте во вкусот и на здравје!