„Само тој ме гледаше без страв во очите“

346
epa07801888 Feyenoord's head coach Jaap Stam during the UEFA Europa League playoff, second leg soccer match between Hapoel Beer Sheva and Feyenoord Rotterdam in Beer Sheva, Israel, 29 August 2019. EPA-EFE/ABIR SULTAN

Јап Стам дефинитивно одбележа една фудбалска ера. Играше одличен фудбал за Манчестер Јунајтед, Лацио и Милан и беше еден од најдобрите дефанзивци во светот. Многумина се плашеа од него, но секогаш има исклучок.

Поради својата корпулентна и мускулеста градба, Стам со самиот изглед зрачеше со страв кај противничките напаѓачи, но имаше и такви кои не се плашеа од него.

За време на играчките денови, Стам навистина не ги штедеше своите ривали, остана запаметен по неговиот агресивен начин на игра, а секој што ќе му се најдеше на патот најчесто си поминуваше многу лошо.

Холанѓанецот еднаш раскажа каков метод користел пред натпреварите за да ги исплаши своите ривали, но тоа не му успеало против еден човек.

Станува збор за Филипо Инзаги, познатиот италијански голгетер кој од сите карактеристики го красеше само една, најважна за еден напаѓач, а тоа е чувството за гол.

Стам раскажа како неговата тактика функционирала со повеќето ривали, но не и против легендарниот Пипо, кој никогаш не покажувал страв без оглед на неговата очигледна физичка инфериорност.

„Никогаш не се плашев од играчите против кои играв. Одев на теренот и ги гледав во очи, но само еден ме гледаше исто, без страв, тоа беше Пипо Инзаги“, откри Стам и додаде:

„На тој начин се обидував да ги исплашам противниците, често тоа функционираше, но тоа не беше случај со Инзаги“.

По неколку години играње еден против друг, Инзаги и Стам завршија како соиграчи во Милан каде поминаа неколку сезони.

„Кога отидов во Милан, веќе беше поинаку, ривалите веќе беа исплашени на нашето загревање… Ме гледаат, потоа тука беа Инзаги, Паоло Малдини, Неста… Натпреварот беше добиен за време на загревањето“, изјави Стам.

Италијанецот и Холанѓанецот поминаа две години заедно во Милано, од 2004 до 2006 година. Иако беа одличен тим, може да се каже дека во тоа време го загубија најважниот натпревар што го играа заедно, финалето во Истанбул против Ливерпул.