Само со добар комшилук Македонија ќе тргне кон ЕУ

Проширувањето на Европската Унија нема да стане приоритет со поместувањето во Европскиот парламент по изборите, смета експертот за ЕУ, Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика. Таа посочи дека прашањето за проширување најчесто се поврзува со реформите и одговорноста за процесот на проширување се става на земјите кандидати. Аналитичарот Благојче Атанасовски, пак, анализира дека ниту резултатите од изборите во Бугарија нема да ги сменат позициите кон Македонија и дека земјава не треба да се надева на менување на бугарските позиции по убедливата победа на Бојко Борисов

67

Проширувањето на Европската Унија, дефинитивно, не беше една од главните теми во предизборието, не очекувам ниту со поместувањето во Европскиот парламент да добие приоритет тоа, рече експертот за ЕУ, Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, за Телма. Ристевска-Јорданова истакна дека анализата на програмите на политичките групации за овие избори за европско ниво покажува различни ставови. Покрај тоа што повеќето се декларативно „за“ проширување, ставовите се нијансирани.

– Прашањето за проширување во изминатите година-две најчесто се поврзуваше со реформите и во програмите најчесто стои заедно. Ако, на пример, ја земеме Европската народна партија, таа е доста воздржана во однос на реформите во ЕУ, иако е „за“ реформи во ЕУ и вели дека во наредниот мандат ќе се залага да почне конвенција за промена на договорите, меѓутоа тоа не е временски строго поставено – изјави Ристевска-Јорданова.

Таа посочи и дека одговорноста за процесот на проширување се става на кандидатите, и тоа не е ништо ново.

– И се декларира еднаков третман, речиси сите декларираат еднаков третман, но она што ние го видовме од „еднаквиот третман“ е практично дека немаше еднаков третман. И речиси сите декларираат владеење на правото на прво место, меѓутоа, исто така, видовме дека не беше тоа секогаш на прво место – рече Ристевска-Јорданова во телевизиското интервју.

Таа забележува дека единствено кај Европската народна партија, меѓу минимум предусловите за проширување, покрај демократијата, владеењето на правото и човековите права, се споменува дека добрососедските односи со државите членки на Унијата се, исто така, минимум предуслови за проширување.

– И тука, очигледно, Неа демократија и ГЕРБ на Радев, кои се членки на Европската народна партија, имале свое влијание. И ова е нешто што не е ново, постојано си беше таму, меѓутоа сега е напишано. За разлика од нив, социјалдемократите ветуваат некакви ефективни реформи, меѓутоа таргетирани. И посебно споменуваат проширување најпрво со Западен Балкан. Не сите во пакет. И тие таргетирани реформи значи дека може и со помало, да кажеме, забраздување во длабочината на реформите да се оди на проширување кон Западен Балкан, барем на ниво на програма. „Зелените“ се про проширувањето, дури ветуваат дека ќе работат на укинување на ветото во Советот што сега го спречува пристапувањето. Но, тие слабеат и поддршката од нив за ова ќе биде помала. Либералите најцврсто го поврзуваат проширувањето со реформи и тие беа за длабоки реформи. Меѓутоа, кај конзервативците, тие имаат една формулација, тие не го отфрлаат, велат ќе го земеме предвид проширувањето со стратешки важни земји, но тоа не смее да биде мотив за продлабочување на ЕУ и нејзините надлежности – вели Ристевска-Јорданова.

Аналитичарот Благојче Атанасовски, пак, за телевизија „Сител“, анализира дека ниту резултатите од изборите во Бугарија нема да ги сменат позициите кон Македонија и дека земјава не треба да се надева на менување на бугарските позиции по убедливата победа на Бојко Борисов. Според него, анализите и изборните резултати говорат дека Борисов нема да може сам да формира влада, па најавите за политичка стабилност кај источниот сосед повторно може да паднат во вода.

– Апсолутно да не негуваме илузии дека во Бугарија ќе дојде политичка нова номенклатура или ќе се смени политичкиот дискурс и дека ќе дуваат поповолни политички ветришта. Тоа е само замајување за нашата јавност и за нашето државно водство и едноставно ќе губиме време доколку веруваме дека во Бугарија, на политичкиот хоризонт, ќе се појават такви политички сили. Напротив, очекувам дури и радикализирање на ситуацијата во Бугарија во однос на Македонија, бидејќи кај нив има една нервоза што трае во изминативе 3-4 години, бидејќи постојано перпетуираат во едни политички кризи – изјави Атанасовски.

Тој додава дека предноста нема да му обезбеди на Борисов комотна состојба за политичка стабилност, затоа што, според резултатите од изборите, тој би освоил околу 70 пратенички мандати, што не е доволно да обезбеди мнозинство во Парламентот. Дополнителен проблем за него е и што другите коалиции што влегуваат во Парламентот не се наклонети кон формирање владина коалиција.

– Во Бугарија се толку заострени политичките пресметки и толку е фрагментиран Парламентот што апсолутно не очекувам дека може да се формира стабилно владејачко мнозинство во наредните четири години. Можеби може да се направи, јас ја нарекувам таа Франкенштај коалиција, како што беше претходно на ГЕРБ и Продолжуваме со промените, но таа траеше само девет месеци и се виде дека е тоа само изнасилена владина коалиција и мислам дека Бугарија повторно ќе има технички премиер и нови избори наесен – анализира Атанасовски во изјавата за „Сител“.

Претходно, и директорот на ЕВРОТИНК, Димитар Николовски, изјави дека евроинтегративниот пат на Македонија зависи од новиот состав на Европскиот парламент, но рече дека не очекува промена во политиката, бидејќи, како што рече, главните сили во ЕП не се променети, а со тоа, веројатно, и во Европската комисија и поради тоа, барем на краток рок, не би се променила политиката кон Македонија. Тој предупреди дека евентуалните промени во односите на земјава со некои од ЕУ – членките многу повеќе би влијаеле на евроинтегративниот пат. Во однос на преговарачката рамка, Николовски рече дека најавите за нејзина промена се фантазија водена од постизборната еуфорија и посочи на широкиот политички консензус во Бугарија во однос на ова прашање.

Тој посочи и на силниот замав на крајната десница во ЕУ, но рече дека не очекува да се носат одлуки против проширувањето и покрај генералниот тренд на свртување на Европа кон десно и очекувањата крајната десница во неколку држави да дојде на власт како што е Франција, што, сепак, може да создаде проблеми за проширувањето.