Само косовските граѓани со двојно државјанство ќе можат да гласаат на српскиот референдум в недела

55

Владата на Косово ќе им овозможи на косовските граѓани од српска националност кои имаат и српско државјанство да гласаат на референдумот за уставни измени во Србија, што ќе се одржи в недела, на 6 јануари, јави дописникот на МИА од Приштина.

Владата на Албин Курти објави дека лицата кои имаат српско државјанство своето гласачко право за српскиот референдум ќе можат да го остварат по пошта, или лично во српската Канцеларија за врски во Приштина.

Соопштението на косовската Влада уследи по барањето на шефот на дипломатијата на Еропската унија, Жозеп Борел да им се овозможи на граѓаните од српска националност да гласаат за референдумот во Србија.

Портпаролот на владата во Приштина, Прпарим Криезиу изјави дека со оваа одлука косовската Влада „ги почитува најдобрите меѓународни практики, овозможувајќи им на српските граѓани во Косово да гласаат по пошта или во Канцеларијата за врски на Србија“.

– Организирањето референдум за прашања кои се целосно внатрешна работа на една држава на суверената територија на друга држава е непозната практика во некоја демократска земја. На овој начин ние ги почитуваме нашиот Устав и законите, им овозможуваме на Србите со двојно државјанство да гласаат и воедно ги почитуваме најдобрите меѓународни практики, изјави Криезиу за порталот Телеграфи.

Против организирањето гласање за косовските граѓани од српска националност на референдумот во Србија се изјаснија и Советот за заштита на човековите права и слободи на Косово и други невладини организации, кои порачаа дека тоа би претставувало „тешко газење врз суверенитетот на косовската држава“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа предупреди дека последиците од недозволувањето на косовските Срби да гласаат на референдумот „ќе бидат многу потешки од тоа што можат да го замислат Албанците и Квинтата“, како што се нарекува групацијата од петте највлијателни западни земји кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција.

Граѓните на Србија на референдумот в недела треба да се изјаснат дали се „за потврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија“.