Само датум во декември може да го спаси Заев!

Што ќе случува во иднина на „Бихаќка“ откако дел од раководството застана во одбрана на скандалозното интервју на Зоран Заев, а таканареченото „скопско крило“, вклучувајќи го и екслидерот Бранко Црвенковски,  кој побара членството да се огради од ставовите засега е неизвесно. Дали ваквата неусогласеност на поранешното и актуелното раководство на партија води до вонреден партиски Конгрес, засега не може да се предвиди, но во секој случај ги разбранува партиските редови, а понатаму може да има и други проблеми. Познавачите на политичките прилики за весникот ВЕЧЕР коментираат дека епилогот за внатрепартиските односи ќе биде појасен откако ќе се затвори прашањето со Бугарија. Ако во декември добиеме датум за преговори, тоа ќе му помогне на Заев актуелното членство да остане единствено, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР политичкиот аналитичар Петар Арсовски. -Не гледам дека СДСМ може да се подели, вели Арсовски. Ако нема датум за преговори во декември, ќе биде лошо за власта, цени политикологот Владимир Божиновски.

382

Што ќе случува во иднина на „Бихаќка“ откако дел од раководството застана во одбрана на скандалозното интервју на Зоран Заев, а таканареченото „скопско крило“, вклучувајќи го и екслидерот Бранко Црвенковски,  кој побара членството да се огради од ставовите засега е неизвесно. Дали ваквата неусогласеност на поранешното и актуелното раководство на партија води до вонреден партиски Конгрес, засега не може да се предвиди, но во секој случај ги разбранува партиските редови, а понатаму може да има и други проблеми. Познавачите на политичките прилики за весникот ВЕЧЕР коментираат дека епилогот за внатрепартиските односи ќе биде појасен откако ќе се затвори прашањето со Бугарија.

Ако во декември добиеме датум за преговори, тоа ќе му помогне на Заев актуелното членство да остане единствено, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

– Не знам дали сега е време за вонреден конгрес, шансите се минимални. Не гледам дека СДСМ може да се подели. Сите критики дојдоа од поранешни функционери, актуелните функционери и раководство го поддржаа Заев и сметам дека во моментов се хомогени. Ако успее ова да се реши во декември, тоа секако ќе му помогне на Заев, но ако не се реши ќе има други проблеми. Опозицијата сигурно ќе бара одговорност, предвремени избори, ќе бараат ревизија на надворешната политика па дури и на работењето на самата Влада, коментира Арсовски.

 

Ако нема датум за преговори во декември, ќе биде лошо за власта, цени политикологот Владимир Божиновски.

-По интервјуто за БГНЕС, мислам дека на сите им е јасно дека Заев е повеќе товар на СДСМ. Јавноста е сериозно вознемирена, во секој случај ова ќе им се одрази негативно. Дали во моментов во функционирањето на владата или в година на локалните избори… вели Божиновски.

Во моментов важно е како ќе се постави и опозицијата, дали ќе ги збие своите редови и ќе застане во одбрана на националните интереси. Во секој случај, ако нема датум за преговори, ќе биде лошо за власта, оти ќе нема со што да се пофалат пред граѓаните пред избори – ситуацијата е катастрофална и во здравството и во економијата, во судството нема никаква реформа. Очигледно е дека во СДСМ се спремни да ги прифатат сите бугарски барања само за да добиеме датум за преговори и на тоа да се „шлепаат“ до избори дека биле успешни, вели Божиновски за весникот ВЕЧЕР.

 

Има простор за вонреден конгрес во СДСМ, реагира поранешната министерка за надворешни работи и член на СДСМ Илинка Митрева.

„Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот.  Време е Заев да се соочи со судот на јавноста.  Нема простор за политички манипулации и дообјаснувања во СДСМ, нема простор за амнестија. Но, има простор за вонреден конгрес”, вели Митрева.

Таа смета дека е време „да се испрати натпартиска порака до сите општествени и политички сили во нашата земја, до сите граѓани, да се обединиме пред тешките предизвици што ни претстојат“.

„Како поранешен политички деец, но и како граѓанин, имам право и обврска да застанам во одбрана на националната гордост“, заклучува професорката Митрева.

По интервјуто на Заев за БГНЕС, реагираше и економскиот експерт и поранешен потпретседател на СДСМ, Зоран Јовановски.

Гледам ќе се казнувал говор на омраза против странски народи и држави. А, има ли казна за говор на омраза против сопствениот народ и држава?, пишува Јовановски.

И професорката  Ана Павловска-Данева, некогашна пратеничка од редовите на СДСМ,  се приклучи кон реакциите на јавноста на изјавите на премиерот.

Секој политичар треба да има момент кога ќе подзастане и ќе се запраша: „Во што се претворив?”!,  вели таа.

По нападите на партискиот лидер, особено по реакцијата на Бранко Црвенсковски ,функционерите од владејачката СДСМ, кои се на водечки државни позиции, застанаа во одбрана на Зоран Заев. Експресно  реагираа дека искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ,и дека ставовите се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори.

Со поддршка на социјалните мрежи прва излезе заменик-претседателката на СДСМ,и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

„Став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи“, напиша Шекеринска на својот официјален фејсбук-профил.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, напиша дека „секој има право на свое мислење и став, но граѓаните и СДСМ одамна избраа иднина“.

Мухамед Зекири, потпретседател на СДСМ и неодамна избран генерален секретар на Вадата, порача дека политиките на СДСМ биле видливи на дело, а не само на зборови.

„Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Но граѓаните и СДСМ, одамна и на време избраа европска иднина. Избраа да носат храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ. Денеска резултатите на политиките на СДСМ и на Владата предводена од СДСМ се видливи на дело, а не само на зборови“, објави Зекири.

И министерот за здравство, Венко Филипче, има позитивен став.

„Премиерот Зоран Заев во изминатите три години донесе низа тешки, но целосно исправни одлуки со кои ја обезбедивме иднината за нашата земја. Тоа што тој и тимот го постигнаа во сите досегашни преговори, како и напредокот кој го направивме во ЕУ интеграциите се за најголема почит. Мора да продолжиме по овој пат и мудро да градиме пријателства штитејќи ги нашите интереси и напредувајќи кон Европската Унија“, напиша на Фејсбук, Венко Филипче. 

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, денеска изјави оти одлуките и на партијата и на Владата се синхронизирани за се што изнел и дообјаснил премиерот Зоран Заев во неговото интервју за бугарската БГНЕС во однос на историјата, а коешто предизвика реакции во јавноста.