Самит „Македонија 2025“: Економски развој преку поголема примена на нови технологии, иновации и целосна дигитална трансформација на општествата

14

Забрзаниот развој преку употребата на нови технологии, вештачка интелигенција и иновации станува геополитичко и стратешко прашање во 21-от век, кое е подеднакво значајно за секоја земја. Затоа е важно навремено да се инвестира во соодветна едукација. Токму едукацијата, новите технологии, како и соодветната родова застапеност во технолошките и информатичките науки беа главните теми на панелите на кои се дискутираше во рамки на вториот, завршен ден од годинашниот Самит „Македонија 2025“.

Во рамките на панелот посветен на родовата еднаквост, претставничките на бизнис заедницата од земјава и странство, презентирајќи ги своите успешни приказни, истакнаа дека преку заедничка посветеност на бизнисот и на владите, како и преку стратешко вложување во образованието, може да се постигне родова еднаквост.

Учесниците во овој панел се согласија дека не постојат машки и женски професии, туку постојат само професии на иднината, во која сите мора да имаат еднакви можности. Кати Ицева, софтвер инженер во Микрософт и член на управниот одбор на „Македонија 2025“, ги презентираше последните трендови во корпоративната култура и системот за вработувања и унапредувања.

Искуствата и чекорите што ги направила Канада во насока на постигнување на поголема родова еднаквост и вклучување на девојките и жените во технолошките и информатичките науки го пренесе Џајлс Норман, канадски амбасадор за Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

-Потребни ни се родови анализи кои ќе бидат вклучени во стратегиите за различни области, како што се: образованието, даночната политика, економскиот развој и останати области. Само така суштински ќе ја подобриме родовата еднаквост. Дополнително, преку образованието можеме да ги поттикнеме девојчињата да се насочат кон овие науки, заклучи Норман.

На вториот ден на самитот се дискутираше и за актуелни теми, како што се: вештачката интелигенција, „блок-чејн“ технологиите, иднината на развојот на работната сила и глобалните трендови, но и за нивниот потенцијал за развој на земјите и на цели региони, преку поголема соработка.

Ацо Момчиловиќ, директор на Глобалниот институт за етика и вештачка интелигенција ги презентираше наодите од истражувањата за напредокот на земјите и важноста за брзо вложување и обучување на кадар во оваа област.

-Вештачката интелигенција е геополитичко и стратешко прашање. Државите во регионот треба да бидат брзи, бидејќи оние земји кои доцна ќе се вклучат во вложувањето во вештачката интелигенција ќе имаат проблем да ги почувствуваат придобивките од неа. Регионот мора да се обедини за да биде конкурентен со големите пазари и да може подеднакво да се развива, но сепак, секоја држава мора да го најде својот интерес и областа во која ќе инвестира и ќе ја развива, посочи Момчиловиќ.

На еден од панелите се дискутираше и за потенцијалот на популарните „блок-чејн“ технологии и крипто-валутите, односно за можните пристапи на нивна имплементација, како и за придобивките кои тие технологии ги носат. Учесниците беа согласни дека се работи за нови технологии кои имаат огромен број предности, но и ризици, поради што треба внимателно да се следат и соодветно да се употреби нивниот потенцијал во вистинска насока.

Бројни бизнис лидери, политички чинители, претставници на академската и бизнис заедница и граѓанскиот сектор, како и од големи и од стартап компании, земаа учество на 11. Самит „Македонија 2025“, што вчера и денеска се одржува во Скопје, и преку споделување на идеи за соработка, придонесоа во градење нови можности за економски развој