Интервју, МИТКО ЈАНЧЕВ: Сакам промени на подобро, Македонија во ЕУ, но не на ваков начин 

Идеолошки немам никакви разлики ниту со моите сопартијци ниту со  раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Мојот став отсекогаш бил Македонија да биде дел од ЕУ, но не  на начин  на кој моментално се приближуваме кон ЕУ. Потребна е поголема транспарентност во преговорите, јасна црвена линија која ќе ги зачува македонските идентитет, јазик и историја, вели градоначалникот на Кавадарци во интервју за весникот ВЕЧЕР. Во интервјуто, Јанчев зборува за проектите  на локално ниво, за менаџирањето со Општината, но и за справувањето со сиромаштијата и за националните прашања

4748

Важите за човек кој ја води Општина Кавадарци во европски правец. Во градот се забележуваат убаво средени, асфалтирани улици, фонтани, паркови, зеленило, кружни текови… Со еден збор, градот функционира во современ ритам.  Дали Вашата идеја е од Кавадарци да направите модерен град?

-Кавадарци отсекогаш било убаво место за живеење. Во последниве пет години, во мојот прв мандат, а еве и во првата година од вториот мандат,  интензивно се работи на осовременување на  инфраструктурата во градот. Се изградија голем број капитални објекти: нов градски пазар со две нивоа за паркирање, нови булевари, нови велосипедски и пешачки патеки, нови зелени површини, нова детска градинка и се направи проширување на капацитетите на постојните детски градинки. Направивме реконструкција и  модернизација на  сите основни и средни училишта, поставивме фотоволтаици на сите училишта и институции во надлежност на локалната самоуправа,  целосна замена на уличното осветлување  со штедливи светилки, осовременување и модернизација на сообраќајната сигнализација, изградба на кружни текови и пешачки мостови за поголема безбедност за учесниците во сообраќајот.  Вложивме во безбедноста  на граѓаните преку инсталација на систем за видеонадзор,  направивме целосна реконструкција на зградата на Противпожарната единица, набавка на нови опрема и возила за пожарникарите. Ги обновивме речиси сите фасади на зградите за колективно домување, воведовме услуги за ранливите категории, бесплатен превоз за лицата со  пречки во движењето со специјални возила, сервис за старите лица и нега во домот и многу други проекти. Во моментов, работиме на една од покрупните инвестиции во подземната инфраструктура, на разделување на атмосферската од фекалната канализација, во вредност од 2,5 милиони евра, а го основавме и ЈП Градски превоз Кавадарци, со кое ќе го подобриме  нивото на превоз на учениците, а воведовме и неколку градски линии. Постојат и низа други проекти, но не можеме да ги споменеме сите овде, а се од големо значење за моите сограѓани и секој од нив го прави мојот град Кавадарци современо, европско  место за живеење.

Неодамна ја добивте титулата за личност на Југоисточна Европа во областа на економијата и европеизацијата на Балканот за 2022. Добивте и признание  од Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа. Оваа награда доаѓа од Меѓународниот филмски фестивал во кој се вклучени 15 европски држави, а минатата година за првпат се одржа и во Вашингтон, САД, во организација на неколку интернационални универзитети. Дали признанието за Вас значи повеќе обврски или дополнителна мотивација во Вашата работа?

-Искрено, горд сум што, покрај граѓаните на Општина Кавадарци, и институциите ги препознаа моите заложба и посветеност  Кавадарци да стане современ европски град. Оваа награда, како и многуте други награди и признанија што ги добив во изминатиов период,  за мене, претставуваат дополнителен  мотив, но и обврска за уште поголема посветеност од моја страна во моето секојдневно работење. Титула се стекнува и се добива, но најважни се авторитетот и интегритетот на секоја личност.

Ги следите коментарите на граѓаните, имате разбирање за тоа што сакаат и што им треба, таков беше и примерот со откажувањето на настапот  на Јелена Карлеуша за претстојниот гроздобер. Во исто време, го поканивте  српскиот режисер Драган Бјелогрлиќ во Кавадарци. Тешко  ли е секогаш да се слуша гласот на народот?

-Начелото на партиципативност, односно учеството на граѓаните во  донесувањето на одлуките, е еден од водечките принципи во моето работење. Така беше креирана мојата предизборна програма, така ги креираме и годишните програми за работа во Општината, со широка вклученост на граѓаните. За мене, гласот на граѓаните е секогаш пред сè и не треба да заборавиме во ниту еден момент дека ние, градоначалниците, сме овде да бидеме сервис на реалните потреби на граѓаните.

Постојано нешто работите,  важите за доста успешен градоначалник, како и за човек кој секогаш е отворен за своите граѓани. Се добива впечаток дека сте активни 24/7. Од каде ја црпите енергијата?

-Во принцип, јас сум динамична личност, во секоја работа влегувам со голем ентузијазам, сакам промени на подобро и постојано настојувам да воведам иновативни решенија во реализирањето на надлежностите на Општината, а тоа бара поголема посветеност и време.

На последните локални избори, граѓаните на Општина Кавадарци ме подржаа со огромно мнозинство. Оваа поддршка ми ја дава најголемата енергија за работа. И, секако, тука е и моето семејство, кое ми дава неизмерна поддршка.

Дали успешното менаџирање со градот е резултат на искуството што го имате со одличното менаџирање во Вашата приватна компанија „Кожувчанка“? Колку Ви помогна приватниот бизнис во менаџирањето со Општината?

-Дел од стекнатото искуство како менаџер на приватна компанија го применувам во раководењето со Општината, но, сепак, многу е различно и посложено да се раководи со општина. Многу значајно е што се врати довербата во институциите. Таа доверба во изминатиов период резултираше со голема поддршка од  бизнис-заедницата, која преку голем број донации поддржаа низа проекти во корист на пошироката заедница, во различни области, инфраструктурни, урбани, еколошки, социјални и други проекти.

Дали може да се каже дека туристите го препознаваат Кавадарци како град на виното?

-Кавадарци отсекогаш е препознатливо како град на грозјето и виното. Сè уште најголем дел  од граѓаните одгледуваат винова лоза и произведуваат вино, ракија и други производи од грозје. Во моментов, има регистрирано педесетина винарници, кои го прават Кавадарци најзначајната винска дестинација во Македонија. Во соработка со Здружението на тиквешките семејни винарници, отворивме градска винотека, а претходно го отворивме и Винскиот музеј, винска куќа, како дополнение на Музејот на вкусови и мириси, со што ја имаме целата современа понуда за развој на винскиот туризам. Го отворивме и првото Туристичко- информативно биро  и ја направивме првата мобилна апликација Visitkavadarci. Најголемите културни манифестации во Општина Кавадарци, Свети Тифун и Тиквешкиот гроздобер, им се посветени токму на грозјето и на виното. Деновиве, поставувавме мерни станици на повеќе локации, кои ќе бидат во функција на подобрување на квалитетот на грозјето и намалување на трошоците за производство. Секако дека, како локална самоуправа, не сме задоволни од откупната цена на грозјето  и, заедно со Советот на Општината и здруженијата на лозари, ги вложуваме сите напори и застапуваме што е можно подобра откупна цена на винското грозје. И еве можност да ве поканам да дојдете на Тиквешкиот гроздобер во септември.

Во екот на кризата со зголемувањето на трошоците на живот, кога повеќето општини врзуваат месец за месец,  ги покачивте платите на кавадаречките административци. Што мислите, можат ли сите општини да го следат Вашиот пример?

-Сведоци сме  дека потрошувачката кошничка е значително поскапа  и зголемени се основните трошоци, а платата на јавната администрација со години е на истото ниво. Администрацијата во Општина Кавадарци работи посветено  и сметам дека ова покачување е во ред, но, сепак, е потребно системско покачување на платите регулирано со закон. Покачувањето на платите на администрацијата ќе придонесе да привлечеме поквалитетни кадри, зголемена ефективност и ефикасност во работењето и поквалитетна услуга за граѓаните.

На последните локални избори настапивте како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов, актуелни се случувањата со евроинтеграциите на Македонија, па неизбежно е да Ве прашам дали сте на иста линија со Вашата партија во однос на спорот со Бугарија. Дали ако сте пратеник, би гласале за промена на Уставот ако тоа е цената што треба да се плати за да бидеме дел од ЕУ?

-Не само на последните избори  туку и на претходните локални избори, јас настапив како кандидат на ВМРО- ДПМНЕ. Во неколку наврати сум кажал, а и сега ќе повторам дека идеолошки немам никакви разлики ниту со моите сопартијци ниту со  раководството на ВМРО-ДПМНЕ.  Мојот став отсекогаш бил Македонија да биде дел од ЕУ, но не  на начин  на кој моментално се приближуваме кон ЕУ. Потребна е поголема транспарентност во преговорите, јасна црвена линија која ќе ги зачува македонските идентитет, јазик и историја. (Ј.Ц.Г.)