САД и Русија со мали изгледи за успех на преговорите за стратешка стабилност

55

Во Женева утре започнуваат преговори меѓу САД и Русија во однос на можното заживување на Договорот за неширење ракети со мал и среден дострел (ИНФ) и обновување на Договорот за намалување на стратешкото вооружување (СТАРТ-3) кој истекува во 2021 година.

Американската делегација предводена од првиот заменик државен секретар Џон Саливан и Андреа Томсон, заменик државен секретар за контрола на вооружување и меѓународна безбедност. Руската делегација ја предводи заменик министерот за надворешни Сергеј Рјабков.

Претставниците на двете страни планираат да разговараат за можен тристран договор за нуклеарно разоружуање со Кина како дел од стратешката стабилност меѓу САД и Русија. Но, извори од Белата куќа синоќа соопштија дека не се надеваат на напредок во преговорите со Русија во однос на ИНФ и обновување на СТАРТ-3 кој истекува во 2021 година.

ИНФ, потпишан во далечната 1987 година, е на пат да биде укинат поради негово наводно нарушување од страна на Русија. Годинава во јануари Вашингтон изнесе поетапен план со услови до Москва што треба да се исполнат до 2 август, во спротивно САД се повлекуваат од договорот. Рускиот претседател Владимир Путин на 3 јули потпиша закон со кој Русија го суспендира ИНФ. За СТАРТ-3, пак, потпишан во 2010 година, се уште има шанси бидејќи истекува за две години.

По преговорите во Женава, американската делегација заминува во Брисел на консултација со сојузниците од НАТО по резултатите од средбата со Русите.Во меѓувреме, заменик државниот секретар за политички работи, Дејвид Хејл, кој имаше средба со Рјабков во Хелсинки, изјави дека САД сакаат да градат односи со Русија во области од глобално значење како нуклеарното разоружување и борба против тероризмот. Изјавата тој ја даде за време на посета на Молдавија викендов, кога укажа дека САД првпат по две години прифаќаат политички дијалог со Русија на ниво на заменици.