САД го отфрлаат „изедначувањето“ на Израел со Хамас

223

Америка го отфрла барањето на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерот на палестинската организација Хамас, изјави денеска американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.

„Го отфрламе изедначувањето на Израел со Хамас. Одлуката за налозите за апсење на МКС ќе ги загрози напорите за постигнување договор за прекин на огнот, ослободување на заложниците и зголемување на хуманитарната помош за Газа“, нагласи Блинкен.

Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, претходно изјави дека судот побарал налог за апсење на израелскиот премиер и лидер на Хамас, Јахја Синвар, под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото за нападот на израелска територија на 7 октомври и за војната што следеше во Појасот Газа.

Кан изјави дека, покрај Нетанјаху и Синвар, МКС бара потерници за други лидери на Хамас, како и за израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Судскиот совет на МКС ќе го разгледа барањето на Кан за налог.

На изјавата на Нетанјаху дека обвинувањата против високи израелски функционери би биле „безобразни“ и дека Израел има свој судски систем кој ригорозно го истражува секое прекршување на законот, Кан нагласи дека „никој не е над законот“.

Израел и САД не се членки на МКС. Сепак, МКС тврди дека има јурисдикција над Газа, Источен Ерусалим и Западниот Брег, бидејќи палестинските лидери се согласија во 2015 година да се посветат на основачките принципи на МКС.

Бајден за наредбата на МКС
Во кратката изјава објавена од Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден, одговори на барањето на обвинителот на МКС, Карим Кан, за налози за апсење на Нетанјаху и Галант.

„Барањето на обвинителот на МКС за налог за апсење против израелските лидери е срамота“, рече Бајден.

„Сакам да бидам јасен: што и да навести обвинителот, нема ниту една еквивалентност меѓу Израел и Хамас. Ние секогаш ќе стоиме покрај Израел против заканите за неговата безбедност“, рече тој.

Администрацијата на Бајден постојано ја одржува својата челична поддршка за Израел, иако сè повеќе изразува загриженост поради големиот број цивилни жртви во Газа и пречките за испорака на хуманитарна помош.