САД ги укинуваат визите за хрватските граѓани

83

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека САД ќе ги укинат визите за патниците од Хрватска во наредните денови, пренесува „Индекс.хр“ .

-Ние сме пред укинување на американските визи за хрватските граѓани. Тоа треба да се случи во следните неколку дена. Работиме на тоа долго време. Мислам дека конечно таа пречка, која ги забавуваше трговските и инвестициските текови со САД, наскоро ќе биде зад нас, рече Пленковиќ.

Визите за САД треба да се укинат најдоцна до 30 септември – крајот на фискалната година во САД. Во текот на летото од САД стигнаа сигнали дека тоа ќе се случи.

На почетокот на август американскиот државен секретар Ентони Блинкен предложи укинување на визите за хрватските граѓани.

-Денеска предложив Хрватска да се приклучи кон Програмата за ослободување од визи. Овој чекор кон безвизен режим е знак за огромниот напредок на Хрватска во исполнувањето на строгите стандарди за земјите учеснички. Се надеваме на уште посилен однос меѓу САД и Хрватска, напиша Блинкен.

Хрватска работи на укинување на визите од 2007 година.

Во саботата и министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека во рамки на Министерството е формирана работна група која има за задача да работи на приклучување кон Програмата за ослободување од визи за САД.