Германскиот ракометен гигант Кил, стравува од заминувањето на својата најголема звезда, Норвежанецот Сандер Сагосен, кој дојде во тимот пред една година. Сагосен (26), очигледно има опција да се врати во својот матичен клуб Колштад Хендбол, кој има намера да биде најдобар тим во својата земја, но и да котира високо во Лигата на шампионите.

Шампионот на Германија не сака да се раздели со Сагосен во 2023 година кога му завршува договорот и планира да ја продолжи соработката. Норвежанец засега нема одговор и уште се нема изјаснето околу неговата иднина во тимот на Кил така што не е познато дали ќе остане во тимот кој е актуелен првак на Германија.

-Стравуваме дека Сагосен ќе си замине. Му дадовме понуда, но тој сè уште се нема изјаснето дали ќе ја прифати. Како што поминува времето, така се намалуваат шансите сето ова да заврши позитивно за нас. Но, тој е млад играч и треба да одлучи каде ќе биде подобро да игра. Ние сакаме да остане тука, но тој ќе ја донесе конечната одлука, изјави извршниот директор на Кил, Виктор Шилаги

Сагосен пристигна во Кил на крајот од сезоната 2019/20 и после само неколку месеци ја освои Лигата на шампионите. Договорот го потпиша до летото во 2023 година, а сега може да се врати во тимот каде што во 2012 година ја почна кариерата.