Руска фирма дава поголема плата на работнички кои носат фустани и знаат да прават кнедли

192

„Непристојна“ понуда на една руска компанија до жените кои работат во неа ги зовре социјалните мрежи. Фирмата „Татпроф“ која се занимава со производство на алуминиум на своите работнички им ветила повисоки плати овој месец доколку секој ден на работа доаѓаат облечени во здолништа или фустани, чија должина треба да биде најмногу до пет сантиметри над колената.

За да го добијат зголемувањето од 100 рубљи, односно 1,5 евра жените треба да се сликаат така облечени и фотографиите да ги испратат до работодавецот како доказ дека го исполниле условот.

На социјалните мрежи многу жени револтирано коментирале дека тоа е одвратно, сексистички, дека се прави само за тоа шефовите да гледаат слики на жени, дека станува збор за злоупотреба на моќта, за експлоатација на жените…

Од друга страна, претставник на компанијата за руската радио станица Говорит Москва рекол дека акцијата во која веќе учествуваат 60 проценти од жените не е сексистичка, а се спроведува со цел да се разубават работните денови.

Тој додал дека голем број жени автоматски бираат на работа да дојдат во панталони.

– Се надеваме дека нашата компанија ќе ја подигне свеста на нашите дами, овозможувајќи им да ги почувствуваат својата женственост и шарм кога ќе изберат да носат здолниште или фустан, навел претставникот на компанијата.

Следниот месец оваа компанија ќе спроведе уште една „акција на женственост“, односно натпревар на жени во брзо готвење кнедли.

Анастасиа Кирилова која работи во фабриката “Татпроф” за Бизнис онлајн рекла дека идеите потекнале од директорот Сергеј Рацков. Додала дека со ова работничките се поттикнуваат да се облекуваат женствено, да не носат кратка коса и да се усовршуваат во рачна работа и во работите кои се поврзани со домаќинството и со одгледувањето деца.