Руската филијала на Гугл планира да поднесе барање за банкрот

18

Американската компанија Гугл информира дека нејзината руска филијала планира да поднесе барање за банкрот. Причината е тоа што не може да плаќа персонал и добавувачи, јавија руски медиуми.

Руската филијала поднела известување за намерата да прогласи банкрот до националниот регистар Федресур, поради заплена на банкарската сметка на филијалата од страна на Москва.

„Заплената доведе до неодржливо функционирање на руската канцеларија, вклучувајќи вработување и плаќање на вработени во Русија, плаќање добавувачи и продавачи и подмирување други финансиски обврски“, се наведува во соопштението.

Претходно, Гугл извести за прекин на своето работење во Русија. Сега компанијата соопшти оти ќе продолжи со бесплатни услуги во земјата, меѓу нив и пребарување, Јутјуб, Џимејл, Мапи, оперативниот систем Андроид и продавницата за апликации Плеј.