Руската Дума одобри зголемување на данокот на доход на богатите за потребите на војната во Украина

373

Руската Дума донесе закон за зголемување на даноците на доход за побогатите граѓани, што треба да помогне да се пополни државната каса за војната во Украина.

Предлог-законот во последното трето читање беше поддржан од Долниот дом, Државната Дума, а неколку часа подоцна и од Горниот дом, Советот на Федерацијата. Тој мора да биде потпишан од претседателот Владимир Путин за да стане закон.

Со предлогот на новиот закон се воведува данок од 13 отсто за приходи до 2,4 милиони рубљи (25.000 евра) годишно. Повисоки даночни стапки ќе важат за приходите над таа сума, со максимална стапка од 22 отсто за приходи над 50 милиони рубљи (529.000 евра).

Нацрт-законот, исто така, повикува на зголемување на даночната стапка од 20 проценти на 25 проценти, што се проценува дека ќе донесе 2,6 трилиони рубљи (26 милијарди евра) дополнителен федерален приход во 2025 година.

Аналитичарите велат дека зголемувањето на даноците е дел од напорите на владата да ја намали нејзината голема зависност од приходите од нафта, бидејќи западните земји ги заоструваат санкциите против рускиот извоз на нафта.

Путин рече дека зголемувањето на даноците нема да влијае на повеќе од 3,2 отсто од руските даночни обврзници. Рамниот данок од 13 отсто стапи на сила веднаш по доаѓањето на Путин на власт во 2000 година, во обид да се бори против распространетата даночна евазија и да ги зголеми државните приходи. Во 2021 година, Русија го измени системот така што луѓето кои заработуваат повеќе од пет милиони рубли годишно (520.000 евра) плаќаат 15 отсто од данокот.