Русите близу до колективен имунитет, вакцинација се зголеми двојно

52

Русија планира да постигне 80-процентен имунитет на стадо од Ковид-19 до ноември, вели вицепремиерката Татјана Голикова, и покрај релативно бавната стапка на вакцинација.

Властите во јуни објавија дека Русија до есен нема да успее да вакцинира 60 проценти од населението од Ковид-19, како што било планирано, поради слабиот интерес за вакцинирање.

Но, Голикова на состанок на владата, предводен од претседателот Владимир Путин, рекла дека 33,6 милиони Руси, од вкупно 144 милиони жители, биле вакцинирани со најмалку една доза, додека 22,6 милиони примиле две дози, додавајќи дека стапките на вакцинација неодамна се двојно зголемени.

Ова е значително помал процент на население отколку во западните земји.

„Мораме да постигнеме имунитет на стадо од најмалку 80 проценти и планираме да ја исполниме таа задача со вакцинирање со барем една доза до 1 ноември 2021 година“, вели Голикова.

Ова значи дека повеќе од 115 милиони Руси треба да стекнат имунитет.

Поради третиот бран на коронавирус, дневниот биланс на жртви во Русија достигна рекордно ниво во последните неколку недели. Побарувачката за вакцинирање конечно почнала да се забрзува поради силните владини напори да се поттикне вакцинацијата.

Кремљ минатата недела објави дека недостатокот на вакцини минатиот месец во Русија е поврзан со зголемената побарувачка за вакцини и потешкотиите во складирањето на истите.

Русија во средата забележа 23.704 нови случаи на Ковид-19, вклучително и 3.254 случаи во Москва, со што официјалниот број на заразени е 6.030.240 од почетокот на пандемијата.

Владина работна група соопшти дека 783 лица починале од последици поврзани со коронавирус во последните 24 часа, со што бројот на смртни случаи во земјата се искачи на 150.705, јави агенцијата ТАСС.