Рубенс Корубин: И во сопствениот дом може да се отпатува доста далеку

78

„Ателјето ми е простор каде што сум поминал најголем дел од својот живот. Тука ми се сите прагови и сите нови порти кои ги отворам“, изјави за весникот „Вечер“ познатиот македонски уметник Рубенс Корубин. „Ателје, радоста на сликањето“ е и своевиден јубилеј со кој Корубин одбележува 70 години живот и 45 години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград. Инаку, на изложбата се прикажани околу седумдесетина дела на Корубин, од кои триесетина нови, настанати во последните неколку години, но и цртежи и слики, дел од неговата лична колекција

„Сите сме ние цел космос и парче од космосот, не можеме тоа да го поделиме.  Ателјето ми е простор каде што сум поминал најголем дел од својот живот. Тука ми се сите прагови и сите нови порти кои ги отворам. Секако сакам и да патувам и да се шетам како и сите други луѓе, меѓутоа она што е убавото и пораката е дека и во сопствениот простор и дом може да се отпатува доста далеку“, изјави за весникот „Вечер“ познатиот македонски уметник Рубенс Корубин, кој синоќа во Чифте амам ја отвори изложбата „Ателје, радоста на сликањето“.

На изложбата присуствуваа голем број посетители, познати личности од културниот и јавниот живот на нашата држава, кои во редици чекаа да влезат во објектот на Чифте амам, да ги погледнат делата изложени во овој простор, но и да се поздрават и фотографираат со нивниот автор.

За посетеноста на изложбата, Корубин скромно вели дека е почестен од големиот број гости на изложбата. „Јас сум почестен за гостите што дојдоа, баш ми е мило, секоја изложба бара свој фидбек, особено е добро ако постои фидбек и од страна на медиумите. Благодарам за сите кои дојдоа вечерва, зашто малку е прескокната ликовната уметност, заради други настани“, истакна академскиот сликар.

„Ателје, радоста на сликањето“ е и своевиден јубилеј со кој Корубин одбележува седумдесет години живот и четириесет и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград. Инаку, на изложбата се прикажани околу седумдесетина дела на Корубин, од кои триесетина нови, настанати во последните неколку години, но и цртежи и слики, дел од неговата лична колекција, со што таа има и ретроспективен карактер, правејќи пресек и на претходните фази во неговиот ликовен опус. Во рамки на изложбата е поставена и мала инсталација која го претставува Ателјето на Корубин со штафелајот, како и маса со различни предмети кои му биле инспирација.

„Јас сум презадоволен што излагам во овој простор – Чифте амам, во два амама, машки и женски. Добро, јас сум и машки и женски сликар, нели, жените често ги ставам на своите платна, мислам жена ми, но во повеќе улоги. Ми се допаѓа просторот, почестен сум, добро легна со изложбата“, ќе посочи Корубин. Тој додаде и дека отсега, одиме денес за утре, од утре, па понатака…

„Рубенс Корубин веќе долг низ години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство. Тој работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика, и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата. Уметноста на Корубин сведочи за исклучителна способност за прикажување на едно ретко емотивно богатство, а ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство. Еден романтичен сликар, тој е уметник кој ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи кои го сочинуваат нашиот свет“, ќе посочат од Националната галерија.

Инаку, Рубенс Корубин е роден во Прилеп во 1949. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Белград 1974 година. Во 1976 завршил постдипломски студии во Белград, во класата на Младен Србиновиќ, а од 1977 до 79 остварил студиски престој во Париз во “L’ Ecole des Beaux Arsts” кај професор Јанкел. Од 1986 до 2012 работи како професор на Факултетот за ликовни уметности, а член е на ДЛУМ од 1975. Имал многубројни самостојни изложби во Македонија и странство, повеќе пати и групно изложувал во земјата и во странство. Добитник е и на многу признанија и награди. (Н.И.Т.)