Роналдињо обвинет за измама: „Не сум виновен“

143
EPA-EFE/Andre Borges

Легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо негираше дека е поврзан со компанија вмешана во измами со криптовалути, користејќи го за рекламни цели ликот на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.

Бразилецот се појави во четвртокот пред парламентарната истражна комисија, која го повика како сведок, претставувајќи го како основач и партнер на компанијата „18К Роналдињо“.

Оваа компанија на своите клиенти им ветувала астрономски поврат на инвестицијата, дури до 400 отсто во период од една година, но неколку клиенти поднеле жалби поради измами, барајќи отштета во вкупен износ од над 56 милиони евра.

„Спротивно на тоа што беше речено од оваа истражна комисија, јас не сум ниту основач, ниту партнер на компанијата „18К Роналдињо“, посочи Роналдињо.

Тој наведе дека во 2016 година потпишал договор со американскиот бренд за часовници „18К Watches“, на кој ги продал правата на својот лик за рекламна кампања.

Меѓутоа, според неговото објаснување, фотографиите направени за време на рекламната кампања биле користени без негова согласност од страна на инвестициската компанија за криптовалути.

Роналдињо во 2020 година мина нешто повеќе од пет месеци во притвор во Парагвај поради фалсификување патна исправа.